Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпишаа Меморандум за соработка, со кој се зајакнува врската меѓу високото образование, науката и индустријата во областа на електроенергетиката и новите технологии. Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.
Со овој Меморандум се продлабочува соработката меѓу Министерството и ФЕИТ во полето на електротехниката и информациските технологии, а особено за поттикнување на истражувања и подготовка на висококвалификувани кадри кои ќе придонесат за трансформација на електроенергетскиот сектор и примена на одржливи енергетски практики во индустријата.
По потпишување на Меморандумот, беше остварена и средба со студентите од ФЕИТ на која министерката Божиновска и деканот проф. Атанасовски разговараа со студентите за нивните тековни активности, можностите и предизвиците кои ги очекуваат во иднина.
„Нашата цел е јасна – да ви понудиме работа која ќе биде вистински предизвик за вашето знаење и креативност, за да останете тука и да придонесете за својата земја. Сигурна сум дека токму од вас, од вашите идеи и ентузијазам, ќе произлезат иновации кои ќе го обликуваат енергетскиот сектор во Македонија,“ истакна министерката Божиновска на средбата со студентите.