ФЕИТ ФабЛаб Работилница за асистивни технологии

Објавено: март 24, 2025

Работилница на тема асистивни технологии организирани од ФЕИТ ФабЛаб беше одржана во ИНОФЕИТ во петок, 14 март 2025. На работилницата земаа учество низа на реномирани експерти од оваа област во Македонија. Најпрвин, Тони Бачваровски, претседател на Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“, зборуваше основите на асистивните технологии и нивниот историски развој и најнови достигнувања. Тој се осврна и на важноста на универзалниот дизајн како философија на дизајнирање на нови решенија со вградена пристапност со цел нивна употреба од што поголем број на корисници.
Данче Тодоровска, специјален едукатор во „Отворете ги прозорците“, потоа ја претстави застапеноста на асистивните технологии во Македонија фокусирајќи се на работата на Здружението на нивната промоција во македонскиот училишен систем и едукацијата на наставниците за да се оспособат за работа со овие технологии. Дополнително, таа даде низа примери од работата на Здружението со крајните корисници за тоа како асистивните технологии овозможуваат инклузија на деца со различни видови попречености.
Во вториот дел од работилницата, свое излагање имаше Кристијан Лазарев, професор од Државното училиште за деца и младинци оштетен вид „Димитар Влахов“ и претставник на Асоцијацијата за пристапност и инклузија (АПИ). Тој зборуваше за употребата на асистивната технологија за поддршка на децата во образованието, осврнувајќи се на асистивните технологии дизајнирани за дигитална инклузија на слепи и слабовидни. Тој практично ја демонстрираше работата на Брајов монитор, читач на екран и методата која се користи за пишување со Брајова азбука на смартфон.
Во продолжение, Ванеса Лазарова, исто така од АПИ, но и студентка на магистерски студии на ФЕИТ, зборуваше за важноста на пристапноста на дигиталните платформи, основните критериуми кои се користат за нејзината проценка и најдобрите практики за нејзината реализација. Во практичната демонстрација, таа покажа како читачите на екран ја интерпретираат содржината на вебстраните, издвојувајќи добри примери и посочувајќи можни проблеми.
На крајот, Бранислав Геразов од ФЕИТ зборуваше за работата на студентите на ФЕИТ во областа на асистивните технологии, прикажувајќи низа успешни студентски проекти, дел од кои се во практична примена од крајни корисници, како асистивната тастатура и гласот за синтеза на говор на македонски Сузе (https://speech.feit.ukim.edu.mk/). Меѓу проектите се и прототип системи за детекција на препреки за слепи лица, контрола на количка со поглед, синтеза на знаковен јазик од влезен текст, како и апликацијата за асистивна комуникација Говорко.
Работилницата беше поддржана од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), студентските оддели (SC37 и ED15), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).