Министерството за дигитална трансформација, на 16. јануари 2025 организираше јавна расправа за Нацрт-законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор. На јавната расправа, министерот Стефан Андоновски, ја истакна целта на Владата за создавање на целосно инклузивно дигитално општество. Законот произлегува од Директивата на ЕУ 2016/2102 и предвидува сеопфатни мерки за обезбедување пристапност, вклучувајќи лесна и разбирлива пристапност до содржината, оперативност на интерфејсот и одржливост на техничката имплементација.
На јавната расправа беа присутни претставници од државните институции, невладиниот сектор, меѓународните организации и академската заедница, демонстрирајќи го значењето на оваа законска регулатива за македонското општество. Претставник на ФЕИТ беше проф. д-р Бранислав Геразов, кој учествуваше и во работната група за изготвување на нацрт-законот. Тој ги поздрави напорите кои ги вложува министерството и Владата во донесувањето на овој важен закон. Во продолжение, ги истакна заложбите на ФЕИТ за унапредување на инклузивноста во образованието и општеството, преку вклучувањето на универзалниот дизајн во наставните програми, а особено преку реализацијата на низа студентски проекти од областа на асистивните технологии, во соработка со Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“. Исто така, ја посочи спремноста на ФЕИТ да ги стави на располагање своите ресурси и експертиза во процесот на финализација нацрт-законот и неговата идна имплементација.
ФЕИТ негува области кои се клучни во дизајнот и реализацијата на асистивните уреди: електротехника, електроника, сензори, микроконтролери, обработка на биомедицински сигнали, говор и слика, како и развој на софтверски апликации и системи. Дел од проектите кои студентите на ФЕИТ ги реализирале вклучуваат: прототип системи за детекција на препреки за слепи лица, контрола на количка со поглед, синтеза на знаковен јазик од влезен текст, како и апликацијата за асистивна комуникација Говорко. Со поддршка на УНИЦЕФ, Групата за говорни технологии на ФЕИТ учествуваше во локализација на комуникаторот Сиборд на македонски, за чија цел разви нов глас за синтеза на говор на македонски – Сузе.