ФЕИТ промовираше уште една генерација дипломци и магистри

Објавено: јуни 20, 2025

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје промовираше нови 180 дипломирани инженери и 40 магистри. На промоцијата во Филхармонија беше потенцирано дека оваа промоција претставува симбол на труд, посветеност, истрајност, но и на лична и колективна победа.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Владимир Атанасовски, во своето обраќање до дипломците и магистрите, нагласи дека овој ден „не е крај на едно важно поглавје од вашите животи, туку е почеток на едно ново патување, во едно време исполнето со динамични промени, нови технологии и глобални предизвици. Со стекнатото знаење, вештини и критичко размислување, подготвени сте да зачекорите во свет кој постојано се трансформира – свет на вештачка интелигенција, интернет на нештата, обновливи извори на енергија, напредни комуникациски системи и дигитална безбедност“.

Според Атанасовски, иднината не е нешто што пасивно чека – таа се гради. „Вие сте токму тие што ќе ја обликуваат. Со секој ред код што ќе го напишете, со секој електронски систем што ќе го дизајнирате, со секој алгоритам што ќе го оптимизирате, со секоја мрежа што ќе ја обезбедите – вие ќе ја креирате иднината. И не само за себе, туку и за генерациите што доаѓаат, за општеството во целина“.

На промоцијата беа доделени и награди на студентките Рената Павловска и Јана Видановска, кои ги завршиле студиите со просек 10.00. Но, ФЕИТ не е само образовна установа што пренесува знаење, туку и истражувачки и иновациски центар што го создава знаењето. Институција што ги отвора вратите на иднината, не само преку наставата, туку и преку проекти, лаборатории, научни трудови и менторства.

За проректорот за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, професор д-р Лазо Пендовски, ФЕИТ е синоним на знаење, каде што се создаваат генерации инженери, истражувачи и визионери кои го градат и менуваат технолошкиот пејзаж на нашата земја и пошироко. Низ годините, Факултетот не само што ја задржа својата водечка улога во образованието и науката, туку постојано чекори напред – следејќи ги современите трендови и поставувајќи нови стандарди. Во ова време на брзи технолошки промени, ФЕИТ останува компасот кој ги води идните инженери кон одговорност, креативност и иновација.

„Искулучително сум горд што ФЕИТ испраќа нова генерација млади луѓе кои се подготвени да го предводат технолошкиот напредок. Вашето знаење не е само техничко. Вие сте обучени да размислувате критички, да решавате проблеми, да работите во тимови и да создавате иновации кои ќе го менуваат светот. Но запомнете, со вашите дипломи, денес не завршува вашето патување – туку започнува една нова, уште повозбудлива фаза од вашиот живот. Ве очекуваат нови можности, предизвици, нови одговорности, но и нови шанси за создавање подобро општество во кое живееме. Градете општество што се темели на знаење, одржливост и почит“, рече Пендовски во обраќање до дипломците и магистрите.