Јавен повик за изразување интерес на компании за соработка со ИНОФЕИТ дигитален иновациски хаб (ДИХ) и оценка на потенцијалите за подигнување на степенот на дигитална зрелост

Објавено: септември 28, 2022

 

ИНОФЕИТ дигитален иновациски хаб (ДИХ), во соработка со Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability- IME) и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), објавува јавен повик за изразување интерес на компании за соработка со ДИХ и оценка на потенцијалите за подигнување на степенот на дигитална зрелост. На повикот може да се јават микро, мали и средни компании:

  • регистрирани согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе);
  • годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10.000.00 (десет милиони) евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи;
  • да е претпријатие со максимум 250 вработени;

Апликантите на повикот треба да бидат од не-ИКТ домените опфатени со паметната специјализација односно агрибизнис, индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни градби (згради), туризам и енергетика кои поседуваат најмалку ниво 2 степен на дигитална зрелост*. Избраните компании од повикот ќе добијат извештај кој ќе содржи:

  • детална анализа на моменталното ниво на дигитална зрелост согласно европска методологија;
  • детална анализа на потенцијалите за идна дигитална трансформација и иден раст;
  • издвојување на клучни технологии/алатки потребни за дигитална трансформација и подигнување на нивото на дигитална зрелост на претходно наведената скала.

Времетраењето на оценката од страна на експертскиот тим на ИНОФЕИТ ДИХ по компанија е од 2 до 4 дена (во зависност од секторот, големината на компанијата и степенот на дигитална зрелост). Цената на услугата е 500 евра на ден во денарска противвредност по компанија. Бројот на потребни денови се утврдува пред почеток на процесот. Програмата IME ќе кофинансира до 50% од трошоците за проценка, по направената исплата од страна на компанијата. Доколку компанијата е во сопственост или менаџирана (управител) од жена или од лице до 29 години, Програмата IME ќе покрие 60% од трошоците за проценка. Доколку компанијата е во сопственост или менаџирана (управител) од жена до 29 години Програмата IME ќе покрие 70% трошоците за проценка.

Сите заинтересирани компании може да аплицираат преку испраќање на пополнета апликација според пример на е-маил адресата innofeit@feit.ukim.edu.mk. ИНОФЕИТ ДИХ ќе достави соодветна понуда за времетраењето и сумата на услугата до секоја компанија која ќе аплицира најдоцна 3 дена по добивањето на апликацијата. Компанијата ќе треба да се изјасни за прифаќање на понудата и потпишување договор за соработка најдоцна 2 дена по добивањето на понудата од ИНОФЕИТ ДИХ.

Повикот е отворен до 28 октомври 2022.

По завршувањето на јавниот повик за оценка на потенцијалите за подигнување на степенот на дигитална зрелост, ФИТР и Програмата IME ќе објават отворен повик – тематски предизвик за поддршка и кофинансирање во развој и имплементација на клучни иновативни технологии/алатки за дигитализација и дигитална трансформација на кој ќе може да се јават сите заинтересирани компании. Aнализата и оценката на потенцијалот за подигнување на степенот на дигитална зрелост од страна на ИНОФЕИТ ДИХ ќе обезбеди јасна визија за насоките на иден развој на компанијата и олеснета подготовка на апликацијата на отворениот повик – тематски предизвик на ФИТР и Програмата IME што ќе следува.

* Степенот на дигитална зрелост кај одредена компанија може да се најде на едно од следниве нивоа:

  • 0 – Мануелна работа: ограничено користење на дигитални системи во компанијата односно најчест метод на прибирање податоци е мануелен;
  • 1 – Компјутеризација: користење на дигитални системи (компјутери, сервери, бази и слично) кои чуваат релевантни информации од секојдневното работење на компанијата, но не се меѓусебно поврзани (иако може да се поврзани на Интернет мрежа);
  • 2 – Поврзаност: дигиталните системи во компанијата се меѓусебно поврзани и разменуваат податоци за да им понудат на бизнис апликациите и софтверот (на пр. ERP систем, DMS и слично) релевантна информација, но не во реално време;
  • 3 – Мониторинг: работењето на компанијата се набљудува континуирано (преку т.н. dashboards) и неопходните податоци за важни бизнис процеси се обезбедуваат во реално време (најчесто користејќи сензорски податоци);
  • 4 – Разбирање: собраните податоци се анализираат и интерпретираат за да се понуди дополнително разбирање на бизнис процесите (т.н. податочна аналитика преку соодветни алатки);
  • 5 – Предикција: симулација на идни сценарија користејќи големо количество на моментално акумулирани податоци, а со цел спречување на несакани можни идни состојби (на пр. прекини или испади);
  • 6 – Адаптивност: сите прибрани податоци и предикции се влезни параметри во бизнис процесите овозможувајќи автоматско носење одлуки и автоматски акции кои континуирано ги оптимизираат бизнис процесите.