На ФЕИТ започна СКЕЕОР 2024: Платформа за иновации и одржлив развој во енергетиката

Објавено: октомври 31, 2024

Здружението за истражување и промоција на енергетска ефикасност и одржлив развој СКЕЕОР – Скопје, на 29ти октомври 2024 на Факултетот за електротехника и информациски технологии го означи почетокот на дванаесетата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој.  Годинава конференцијата беше поздравена со присуството на високи преставници на институциите на Република Северна Македонија, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска и Ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, проф. Биљана Ангелова. Нивното присуство претставува дирекна потврда за препознаеноста на конференцијата и поттик за студентите учесници, уште подлабоко и суштински да работат и истражуваат во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, кон позелена иднина.

На конференцијата како домаќин најпрвин се обрати Деканот на ФЕИТ,  проф. д-р Владимир Атанасовски.

„Сите ние – како истражувачи, инженери и професионалци – имаме обврска да пронајдеме начини за балансирање на технолошкиот развој, заштита на животната средина и оптимизација на ресурсите, а со тоа директно да влијаеме врз економијата, околината и квалитетот на нашиот живот. СКЕЕОР е чекор во таа насока, платформа која овозможува поширока дискусија за сегашните и идните трендови во развојот на енергетски ефикасни системи и која силно придонесува со предлагање иновативни решенија за одржлив развој кој не е само потреба за идните генерации, туку и одговорност на нашата генерација“, истакна  Проф. Д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, во неговото обраќање пред учесниците на дванаесеттото издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР), која се одржува од 29 октомври до 1 ноември 2024 на истоимениот факултет во Скопје.

Деканот на ФЕИТ,  проф. д-р Атанасовски посочи дека ова издание на СКЕЕОР ќе се фокусира на најжешките теми во доменот на енергетската транзиција, односно  за обновливи извори на енергија и нивната интеграција, за електрични возила и енергетски ефикасен транспорт, важноста на циркуларната економија и управувањето со отпад како и вештачката интелигенција, која отвора нови хоризонти во однос на управувањето со енергијата.

„На конференции како СКЕЕОР, студентите имаат уникатна можност да ја доживеат интердисциплинарноста на дело, запознавајќи се со различни перспективи и пристапи кон темите што ги интересираат. Ваквите настани им овозможуваат проширување на знаењето, развивање на критичко размислување, мрежа на професионални контакти, практична примена на теоријата, мотивација и инспирација“, рече пред присутните деканот на ФЕИТ,  проф. д-р Атанасовски.

Според ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, значењето на оваа конференција е во тоа што дава можност на младите да ги престават своите истражувања, идеи и решенија во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, а воедно и да ги продлабочат своите знаења.

„Самата конференција претставува мост помеѓу професионалците и студентите, кои работат заедно во пронаоѓање на решенија за одржлив развој и подобра иднина. Ова е единствена можност да се соберат заедно студентите, нивните професори, експертите и успешните компании кои се професионалци во оваа проблематика“, рече проф. д-р Ангелова, притоа соопштувајќи дека изминативе 12 години на СКЕЕОР постојано се развива, со над 1.500 учесници, со  изработени и презентирани над 300 студентски трудови и претставени повеќе од 50 македонски компании од областа на инженерството и енергетиката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска нагласи  дека  СКЕЕОР 2024 претставува еден од значајните столбови на развојот на идните млади инженери и експерти во нашата земја.

„Во светот кој се повеќе се соочува со предизвиците на климатските промени, енергетската транзиција и потребата од постигнување на одржлив развој, конференции како СКЕЕОР, сѐ од витално значење. Ние го цениме фактот што токму овие значајни прашања и проблеми се препознаени од младите и стануваат нивен интерес, приоритет на работа и решавање. Со оваа конференција младите инженери добиваат шанса да ги престават своите идеи, истражувања и иновации и да научат од искусните професионалци. СКЕЕОР можеби е почетокот на патот кон креирање на решенија кои ќе го трансформираат нашиот енергетски сектор во насока на поголема енергетска ефикасност и одржливост“, рече министерката  Божиновска и притоа дополни дека Владата е посветена на создавање на услови за поддршка на младите инженери и научници, се со цел да се придонесе кон одржливи решенија во енергетскиот сектор.

На отварањето на конференцијата со свои поздравни говори се обратија и Претседателот на Инженерска институција на Македонија, проф. Христина Спасевска, која го истакна значењето на младите инженери во градењето на одржливо општество и Претседателот на Универзитетско студентско собрание при УКИМ, Александар Николовски, поздравувајќи го ангажманот на студентите, да креираат идеи и да бидат активни двигатели на позитивните промени.

Претседателката на СКЕЕОР, Емилија Зумрова, појасни дека оваа конференција преставува спојување на знаењето, иновациите и визиите за иднината.

„Конференцијата е од исклучително значење, не само за академската и научната заедница, туку и за поширокото општество. Се наоѓаме во средина кога проблемите во енергетиката и животната средина треба да ни бидат од големо значење. Потребата за одржливи решенија станува се поважна, а нашата улога како млади луѓе и инженери во акција, е да пронајдеме пат кон поодржлива иднина. Оваа конференција е токму тоа, место каде што ќе ги споиме знаењето, нашите идеи и  ќе пронајдеме иновативни решенија кои ќе ни помогнат да одговориме на предизвиците на заедницата“, рече Зумрова.

На крајот во своето обраќање координаторот на конференцијата проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска ја истакна важноста на континуираниот раст на конференцијата и уделот на сите генерации кои вложиле во неа.

„Започнувајќи како прва студентска конференција од областа на енергетиката, СКЕЕОР постепено прерасна во значаен чинител во промовирањето на енергетските цели. Денес СКЕЕОР е студентска конференција со меѓународно учество и со меѓународен научен одбор кој вклучува професори од 12 различни земји. Зад нас се 12 изданија на Зборникот на трудови кој го обезвременува студентското творештво. Денес, здружението СКЕЕОР денес е препознаено младинско здружение во Регистарот на младински организации, член на Инженерската институција на Македонија и дел од Европската Младинска Енергетска Мрежа. Конференцијата СКЕЕОР е етаблирана како место за интеракција меѓу младите, академската средина, компаниите и јавниот сектор, чинејќи цврста синергија помеѓу нив, со цел развивање и споделување на идеи и решенија за клучните предизвици на 21виот век: обезбедувањето на одржлива енергија и енергетската транзиција. Токму затоа сме денес овде, за да слушнеме свежи идеи, нови и иновативни пристапи кои се во насока на справување со енергетските предизвици на нашето општество.“

Годинава, конференцијата нуди богата и разновидна агенда која покрај студентските трудови, вклучува и исклучителни пленарните предавања на најактуелните теми на денешницата поврзани со Енергетската транзиција и одржлива енергија, интересни панел сесии, работилници, како и компаниски презентации. Повеќе информации за деталната Агенда може да се најдат на https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=mk.

Оваа 12та конференција се роди изградена врз темелите на претходните успеси и сигурни сме дека она што ќе го прикаже во следните неколку денови ќе остави печат и ќе биде поттик за уште поголеми успеси во годините што следат.