Вклучувањето на студентите во развојните проекти на компаниите уште додека студираат е многу значајно за нивниот понатамошен развој
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) има капацитети за квалитетна настава на околу 350 новозапишани студенти. Добро одговоривме на предизвиците што ги донесе Ковид-19, така ќе продолжи и новата академска година и за бруцошите и за другите студенти. Има многу причини зошто матурантите треба да го одберат ФЕИТ за да го продолжат своето образование, а една од нив е што нема сомнение дека развојот на општеството сѐ повеќе се базира на знаење и иновации, вели деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски. Тој неодамна беше реизбран за декан. Во интервјуто за Факултети.мк, Ташковски зборува за достигнувањата на ФЕИТ, за условите за студирање што ги нудат за идните студенти.
Неодамна повторно бевте избрани за декан на ФЕИТ. Можете ли да ни кажете нешто за Вашите резултaти како декан во тековниот, но и за плановите за идниот мандат?
– Голем предизвик е да се биде декан на високообразовна институција во државата. Ако до пред извесно време тоа, пред сѐ, беше академска позиција, денес со сигурност може да се каже дека претежно е менаџерска работа. Имено, до пред петнаесетина години финансирањето на високото образование беше комплетно покриено од државата. Денес голем дел од финансиските обврски потребни за реализација на дејноста факултетите треба сами да ги обезбедат. Деканот и неговиот тим треба да се грижат и, пред сѐ, да обезбедат средства за одржување на лабораториите, за набавка на опрема, за одржување на инфраструктурата и хигиената, за администрација на проекти, за формирање подмладок итн. Имам среќа што сум декан на етаблирана институција, како што е Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), со традиција од над 60 години во наставата, истражувањето и соработката со општеството.
ФЕИТ е значајна и ценета институција во државата и пошироко, пред сѐ, поради неговиот кадар, кој придонесува факултетот постојано да се развива и да оди напред. Само неколку факти во таа насока. Нашите професори и соработници годишно објавуваат во просек по 30 трудови во списанија со фактор на влијание и околу 100 трудови на конференции и во меѓународни списанија. Годишно имаме најмалку по десет активни меѓународни проекти од различни програми H2020, NATO, IPA, Erasmus +, со годишен буџет во просек од околу 700.000 евра, од кои набавуваме опрема која чини околу 150.000 евра годишно. Имаме ангажирано повеќе од 20 млади истражувачи кои се воведуваат во научноистражувачката работа и од кои се регрутира подмладокот на ФЕИТ. Сето ова од една страна ја олеснува работата на деканот, но ја зголемува и неговата одговорност да го одржи нивото и да даде насоки за понатамошен развој.
Во изминатите четири години направивме значајни постигнувања во сите области на дејствување на факултетот. Лично, за најголемо постигнување ја сметам акредитацијата на последните студиски програми на прв циклус студии, кои успеавме да ги хармонизираме со европските студии од областа на електротехниката и информациските технологии. Овие студиски програми се правени во согласност со препораките на германската институција за акредитација ASIIN. Студентите во првите две години се стекнуваат со основните знаења од областите на електротехниката и информациските технологии. Подоцна, во зависност од нивните афинитети и желби за професионален развој, специјализираат во областа што самите ја избрале. Во овој дел студиските програми се главно проектно организирани и студентите се сѐ поактивни субјекти во наставниот процес.
Наша основна цел е студентите да се стекнат со функционално знаење базирано на најновите технолошки достигнувања. Такви знаења може да се добијат само со истражувачка настава, со доволно индивидуална лабораториска и практична работа на студентите. Од тие причини, сѐ повеќе применуваме учење базирано на решавање проблеми, студентите учествуваат во голем број проекти, а темите за дипломски работи се тесно поврзани со научноистражувачките проекти кои се имплементираат на ФЕИТ, што значи дека студентите се во тек со најновите научни достигнувања.
Продлабочувањето на соработката со стопанството и формирањето на Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ се уште едни значајни работи што ги постигнавме во овој период. Центарот за кратко време стана препознатлив во државата и пошироко. Најдобра потврда за успехот и значењето на ИНОФЕИТ е фактот дека е единствената институција од државата која е спомената во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во поглавјето 25 – Наука и истражување, а Европската инвестициска банка го препозна ИНОФЕИТ како единствен кандидат од слични институции во регионот на Западен Балкан кој има капацитет да прерасне во регионален центар на извонредност во делот на Информациските технологии (ИТ) и обновливите извори на енергија (ОИЕ).
Во изминатиот период го заокруживме проектот за реконструкција на зградата на факултетот во енергетски ефикасна зграда и почнавме со реконструкција на анексот на факултетот. Со помош на нашите партнери од стопанството и со сопствени средства, инсталиравме 22kW фотоволтаична централа, обезбедивме поголем број донации во опрема за нашите лаборатории за да обезбедиме пристојни услови за работа за вработените и за студентите.
Конечно, во изминатиов период, ФЕИТ успеа да воспостави неколку академии, како Microsoft Imagine, LabView, ECDL и Palo Alto Networks, со што студентите може да се стекнат и со меѓународно препознатлив сертификат за време на студирањето. Како главни приоритети за наредниот мандат во мојата програма ги потенцирав: мотивација на студентите за иновации, поинтензивна соработка со компаниите во наставниот процес и во истражувањето, продолжување на активностите околу ИНОФЕИТ, пред сѐ, во делот прераснување во регионален центар за извонредност во делот на ИТ и ОИЕ, мотивација на помладите колеги за апликација на меѓународни проекти главно преку воспоставување Центар за меѓународна соработка на ФЕИТ, комплетна дигитализација на сите процеси на факултетот, поддршка на сите студентски активности.
ИНОФЕИТ за кратко време прерасна во значајна институција во нашиот иновациски екосистем. Кои се неговите главни активности?
– Нема сомнение дека развојот на општеството сѐ повеќе се базира на знаење и иновации. Само компании кои во своите продукти и услуги ќе внесат иновативни методи ќе бидат успешни на глобалниот пазар. За жал, во Македонија многу малку компании имаа услови и капацитети да воведуваат нови знаења во нивната работа. Од друга страна, на ФЕИТ постои големо знаење кое нашите професори макотрпно го стекнале преку научноистражувачка работа во текот на нивните кариери. Само за илустрација, нашите професори се коавтори на 7 меѓународни патенти. Ова знаење може да помогне да се облагородат производите и услугите на нашите компании со извесна доза на иновација со која би можеле да остварат додадена вредност на нивните производи и услуги и да успеат да се пласираат на глобалниот пазар.
Во таа насока, основна цел при формирање на ИНОФЕИТ беше дел од истражувањата што се изведуваат на ФЕИТ да се стават на располагање на нашето стопанство, пред сѐ, на малите и средни компании на кои им е потребна примена на нови знаења во работата, а кои сами немаат истражувачки капацитети за да го обезбедат тоа. Радува фактот што неколку компании веќе се наши партнери и заеднички работиме на развојни проекти. Тука не можам, а да не ја истакнам улогата на Фондот за иновации и технолошки развој, кој значително придонесе во процесот на поттикнување на компаниите да почнат со креирање иновативни производи и услуги, но и да ги мотивира младите уште од најрана возраст да размислуваат за иновации. Преку ИНОФЕИТ моментално се реализираат четири иновативни проекти за македонски компании. Досегашното искуство со проектите преку ИНОФЕИТ покажа дека имаме капацитет и знаење за решавање и на најсложени проблеми. Особено сме горди што минатата година склучивме договор и со една компанија од Белгија, за која правиме применето истражување во делот на процесирање на слика.
Покрај трансформација на иновативни идеи во нови производи и услуги што ќе влијае врз економскиот раст на државата, преку соработката со стопанството сакаме да влијаеме и врз начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Вклучувањето на студентите во развојните проекти на компаниите уште додека студираат ги доведува во контакт со реални проблеми, ги мотивира дополнително да истражуваат и добиваат нови знаења и вештини и конечно, ги мотивира да размислуваат за иновации, што е многу значајно за нивниот понатамошен развој. Се разбира, компаниите на овој начин можат да добијат и подобро профилиран кадар за нивните потреби.
Една од задачите на ИНОФЕИТ е да го поттикне студентското претприемништво и иновациски активности, мотивација студентите да формираат стартап и спиноф-компании во соработка со професорите. Веќе се организирани неколку настани со кои настојуваме да ги мотивираме студентите за иновации. Оваа година заедно со Универзитетското студентско собрание го организираме второто издание на програмата INNO-SAE (Innovations in Smart Anything Everywhere). Селектирани се седум интердисциплинарни проекти на студенти од УКИМ. На најдобрите иновативни проекти ќе им биде понудена помош за комерцијализација на иновацијата, преку формирање стартап и подготовка на апликација пред ФИТР, Акцелераторот УКИМ или нашите европски партнери, како што е на пример EU4TECH проектот каде што веќе се селектирани два проекти кои биле дел од ИНОФЕИТ и ќе добијат помош во развој на нивните иновативни идеи.
Поради корона-кризата минатиот семестар бевте принудени наставата да ја изведувате на далечина. Какви се Вашите искуства и како планирате да продолжите во наредната учебна година?
– ФЕИТ располага со систем за е-учење развиен на платформата Moodle кој се развива речиси 15 години. Преку овој систем се реализира целата комуникација со студентите и на него се поставуваат сите материјали за настава (предавања, вежби, домашни задачи, упатства за лабораториски вежби, демоа итн). На овој систем, за релативно кратко време, успеавме да интегрираме два модула за видеоконференција – BigBlueButton и Zoom. Креиравме 20 виртуелни училници и наставата се одвиваше на далечина по предвидениот распоред без никакви проблеми. Дополнително, донесовме одлука сите изданија на ФЕИТ (учебници, учебни помагала, збирки), бесплатно да им бидат достапни на студентите во електронска форма преку системот за е-учење.
За наставниците што преферираат да пишуваат на табла обезбедивме пен-таблети, така што наставата и консултациите се одвиваа без никакви проблеми. Единствен проблем настана со вежбите кои требаше да се изведуваат во нашите лаборатории. Вториот бран на корона-кризата нѐ спречи во тоа, но нашите професори беа иновативни и успеаја да ги реализираат на далечина, главно преку симулациски модули. Испитите се организираа комбинирано, со физичко присуство и на далечина. Ги видовме предностите и слабостите на полагањето на далечина. Согласно сите прогнози за развојот на ситуацијата со корона-вирусот, очекувам наставата да продолжи да се изведува на далечина, но планираме лабораториските вежби да ги изведуваме во нашите лаборатории со почитување на сите пропишани мерки за заштита. Со искуството од претходниот семестар убеден сум дека нема да има проблеми во реализација на наставата и испитите во наредниот семестар.
Во последните неколку години сме сведоци на дигитална трансформација која од корен ги менува односите во општеството, начинот на живеење и на работа. Сето тоа бара промени и во образовниот систем. До каде е Македонија во тој процес? Дали се развива кадар за имплементација на овие промени на високообразовните институции во Македонија?
– Процесот на дигитална трансформација претставува основа на четвртата индустриска револуција позната како Индустрија 4.0. Таа полека станува реалност и веќе се имплементира во одреден број земји. Индустрија 4.0 не е само процес кој се однесува на воспоставување ICT инфраструктура и дигитализација на јавните услуги. Индустријата 4.0 предвидува промена во процесот на работа, во процесот на производство, на самите производи и на бизнис-моделите. Во процесите на производство се очекува целосна автоматизација со интегрирање на компјутерската техника, преносот и обработката на податоците со современите механички системи. Производите нема да бидат конкурентни доколку не се развиваат да бидат „паметни“, што овозможува нивно поврзување во IoT (Internet of Things) системите.
Благодарение на дигиталните технологии, бизнис-моделите ќе бидат корпоративно адаптивни и ќе треба да ги земаат предвид навиките и потребите на купувачите. За реализација на сето ова потребни се стручни лица со познавање на компјутерска техника, роботика, вештачка интелигенција, работа со податоци, мрежи, безбедност, нови извори на енергија и нејзино складирање, односно стручни лица со занимања од STEM (Science, Technology, Engineering, Mathematics) областите. За жал, во Македонија бројот на студенти што студираат на природните и техничките факултети не е задоволителен и веќе значително се заостанува зад потребите на новите технологии. Во минатиот период многу малку се направи да се мотивираат и заинтересираат младите за овие технологии уште во основно образование. И стопанството, кое треба навреме да ги планира ресурсите, направи многу малку во тој поглед. Само за илустрација, многу е мал бројот на компании што даваат стипендии за студенти од STEM областите. Недостигот на кадар од овие области веќе се чувствува на пазарот и ќе биде сè поголем. Ова може да влијае врз развојот на нашето стопанство и државата во целина, бидејќи стопанството е главен двигател на развојот на државата. За промени никогаш не е доцна, но таа нема да се случи доколку немаме јасна желба и визија како и каде сакаме да одиме понатаму. Владата, стопанството и високообразовните институции мора да создадат институционални рамки за креирање, пренос и примена на нови знаења.
Претстојат уписите на високообразовните институции во државата. Какви се Вашите очекувања и зошто идните студенти би го избрале ФЕИТ?
– Нашите капацитети, кои овозможуваат квалитетна настава, се проектирани за околу 350 новозапишани студенти и тој број речиси го постигнуваме во изминатите години. Со оглед на фактот дека оваа година бројот на матуранти е помал за околу 20% во споредба со претходната година, ќе биде успех доколку ги постигнеме бројките од претходните години. Сепак, за нас позначаен е квалитетот на запишаните студенти и горди сме што средношколците кои се запишуваат на ФЕИТ се меѓу најдобрите во својата генерација. Самата диплома од ФЕИТ си има своја тежина, но сепак би истакнал неколку причини зошто идните студенти би требало да го изберат ФЕИТ:
– ФЕИТ покрива голем дел од областите кои се основа за новата индустриска револуција Индустрија 4.0, а тоа се роботика, информатика, вештачка интелигенција, вградливи микрокомпјутерски системи, мрежи, работа со податоци, сајбер-безбедност, обновливи извори на енергија. Со специјализација во една од овие области, студентите стануваат креатори на идното општество.
– ФЕИТ е еден од најорганизираните факултети кој работи по ИСО 9001 стандардот, што во голема мера го олеснува процесот на студирање.
– Имаме воспоставен систем за е-учење што овозможува лесна и брза комуникација на студентите со професорите и асистентите. Ова е особено значајно во настанатата ситуација кога се очекува наставата во наредниот семестар повторно да се изведува на далечина.
– Применуваме образование базирано на решавање проблеми, што овозможува студентите да стекнат и да применат нови знаења и вештини, а не само репродукција на материјалот кој се предава. На овој начин влијаеме врз развојот на критичкото размислување кај студентите, кои стекнуваат и значајно практично искуство.
– Поседуваме неколку академии како Microsoft Imagine, LabView, ECDL и Palo Alto Networks кои им нудат на студентите стекнување меѓународно препознатливи сертификати уште во текот на студирањето.
– Ги поттикнуваме студентите на иновации за да прераснат во одлични истражувачи и инженери, како главен предуслов за креирање нови вредности во економијата базирана на знаење.
– Нашите студенти имаат активен студентски живот, иако има мислење дека ФЕИТ е тежок факултет и студентите немаат време за други активности. Студентите учествуваат во голем број студентски организации, конференции, меѓународни натпревари, мобилности, спортски и други воннаставни активности кои претставуваат огромно искуство за студентите и им овозможуваат стекнување вештини значајни за нивниот понатамошен развој.