Натпревар за компанија/организација која дала најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија – проект TRANSIT

Објавено: април 25, 2024

Проектот TRANSIT во кој учествуваат  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, (УКИМ), Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и ЕВН Македонија ги поканува претпријатијата со дејност во полето на енергетиката и обновливите извори на енергија, да учествуваат на натпреварот за претпријатија/стопански здруженија кои во изминатите 12 месеци најмногу работеле и придонеле за распространување на идејата и знаењата за ефективно искористување на обновливите извори на енергија.

Повеќе информации за проектот се достапни на веб страната овде. Овој проект има за цел да обезбеди програми за обука и преквалификација за тековните и идните генерации во областа на обновливи извори на енергија и одржлив развој.

Покрај другите активности, проектот TRANSIT организира натпревар за претпријатија кои во изминатите 12 месеци значително придонеле кон одржливиот развој и производството или искористувањето на обновливите извори на енергија. За учество на натпреварот, Ве покануваме да го пополните формуларот достапен на следниот линк, каде што ќе имате можност, на кратко, да ја претставите својата работа и придонес. Формуларот е на англиски јазик поради меѓународниот карактер на проектот.

Пријавите ќе бидат оценувани од Комисија за спроведување на натпреварите, која е составена од по еден член од тимовите на партнерите од сите европски земји кои учествуваат во проектот. Критериумите за избор на најдобро претпријатие се:

  1. Најважниот критериум за избор на победникот е обемот на работа и посветеност (во последните 12 месеци) за распространување на идејата за искористувањето на обновливите извори на енергија и/или обука на вработените во врска со транзицијата кон одржлив начин на живот/кариера и/или поддршка на локалните заедници за усвојување на одржливи практики;
  2. Вториот критериум е влијанието на постигнатите резултати во распространувањето на идејата и знаењата за искористувањето и транзицијата кон обновливи извори на енергија на крајните корисници, исто така, во последните 12 месеци; и
  3. Последниот критериум е грижата за родовата еднаквост на учесникот во натпреварот.

Најуспешното претпријатие на натпреварот на државно ниво ќе биде наградено со TRANSIT трофеј и понатамошно учество на меѓународно/европско ниво.

Натпреварот е отворен од 29.04.2024 година до 31.05.2024 година.