Одржан курс за „Слободен софтвер, слободно знаење и слободно создавање”

Објавено: март 22, 2023

За промоција на инженерството во електротехниката и информациските технологии кои ги негува ФЕИТ, УКИМ во периодот 13 – 17. март 2023 г. беше одржан 3-дневен курс на тема „Слободен софтвер, слободно знаење и слободно создавање”. Курсот беше одржан во рамки на активностите на Лабораторија за производство ФЕИТ ФабЛаб, а на него присуствуваа 33 средношколци од средните училишта „Илинден”, „Никола Карев”, „Орце Николов”, „Раде Јовчевски Корчагин” и „Михајло Пупин”.
Во курсот гостинско излагање имаше еминентниот експерт од областа на слободниот софтвер Дамјан Георгиевски од Слободен софтвер Македонија и Хаклаб КИКА, на тема основи, историја и иднина на слободниот софтвер. Со теми ФЕИТ ФабЛаб и вовед во работа во LabVIEW свои предавања имаше вон. проф. д-р Живко Коколански, ФЕИТ. Со предавања на тема слободен софтвер за инженерска и научна работа и вовед во работа во ГНУ/Линукс терминал учествуваше вон. проф. д-р Бранислав Геразов, ФЕИТ.
Курсот беше поддржан од организацијата Слободен софтвер Македонија и Хаклаб КИКА, и македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).