Наставниот кадар на ФЕИТ од Институтот за компјутерски технологии и инженерство (КТИ), во соработка со Средното училиште „Михајло Пупин“, на ден 23.03.2026 година организираше и успешно реализираше работилница во лабораторијата за производство – ФЕИТ ФабЛаб, на тема: „Основи на компјутерски архитектури и запознавање со FPGA“.
Настанот го отвори Продеканот за финансии и соработка со стопанството, проф. д-р Живко Коколански. Работилницата беше одржана од вонреден професор д-р Данијела Ефнушева, со активно учество на Кристијан Нелковски, асистент на Катедрата при КТИ, како и м-р Злате Богоевски, докторанд на ФЕИТ.

На работилницата беше презентирана целосната архитектура на компјутерските системи, при што учениците имаа можност преку практична работа да се запознаат со основните компоненти и нивната меѓусебна интеракција. Преку конкретни задачи, беа програмирани FPGA уреди, овозможувајќи им на учесниците директно искуство и продлабочување на нивните знаења од областа.

Работилницата значајно придонесе кон зголемување на интересот кај учениците за компјутерските науки и инженерството, овозможувајќи им подобро да ги согледаат можностите и предизвиците што ги нуди оваа област.

Со ваквите активности, ФЕИТ континуирано придонесува кон поттикнување на интересот кај младите за техничките науки и нивна насоченост кон идни академски и професионални кариери.

