Македонија – прва во управување робот со сигнали од мозокот
На Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, беше откриена спомен плоча за значаен придонес на македонската во светската наука – Прво управување на робот со помош на сигнали од мозокот. На отворање на спомен плочата присуствуваа Претседателот на државата, Стево Пендаровски, Ректорот на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова, претседателот на Светската професионална организација на инженери ИЕЕЕ, Саифур Рахман и професор д-р Стево Божиновски, поранешен професор на ФЕИТ, сега професор на универзитетот во Јужна Каролина во САД.
Имено, во 1988 година, за прв пат во светот, во Македонија е управуван робот преку сигнали од мозокот реализирано од тимот Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот Факултет и Лилјана Божиновска од Медицинскиот факултет. Повеќе информации за достигнувањето може да најдете на https://r8.ieee.org/northmacedonia/2023-milestone/ [1].
Водач на тимот кој го реализира делото, проф. д-р Стево Божиновски го објасни целокупниот успех на истражувањето и значењето на македонската во светската наука. Светската професионална организација на електротехнички и електронички инженери – ИЕЕЕ, на ова научно достигнување, му додели признание IEEE Milestone. Овој тип спомен-обележје IEEE го поставува за научни достигнувања кои ги препознава како пресвртница во светската наука, момент на големо и важно достигнување (IEEE Milestone). Спомен-плочата е во сопственост на IEEE, најголемата светска професионална организација од областа на инженерството, компјутерските науки и сродните дисциплини, велат од меѓународната IEEE.
Според претседателот на државата, Стево Пендаровски, инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. „ Во оваа прилика дозволете да искажам благодарност до Историскиот комитет на Институтот за инженери по електротехника што меѓу досега околу 200 најзначајни настани, вброи и истражување случено во македонска институција од наши инженери, што е несомнено големо признание. Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите“.
За деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Владимир Атанасовски „првата роботска контрола од сигналите на човечкиот мозок претставува историски подвиг за нашата земја и за нашата наука. Тоа ги покажува способностите што ги поседуваат македонските научници и нивната визија да направат длабоки научни чекори на неисцртани научни територии. Ова достигнување не само што е значајно локално, туку покажува придобивки за целото човештво. Токму на ова место, на овој факултет, пред 35 години се формираше врската меѓу две претходно далечни области (т.е. роботиката и ЕЕГ сигналите). Ова извонредно дело покажа дека научната фантастика може да стане реалност и да ја зголеми улогата на технологијата во модерното живеење. Практично, ова дело отвори комплетно нова област во науката, контрола на уреди со помош на EEG сигнали“.
Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова рeче дека „сите сме одговорни кон развивање на иновативни процеси за трансфер на знаења и технологии во општеството. Интеграцијата помеѓу универзитетите, индустријата и другите релевантни институции треба да биде поддржана од нашето општество, бидејќи едукацијата значи постојано унапредување на социјалниот, професионалниот и економскиот развој, односно изнаоѓање идејни решенија за надминување на разликите помеѓу светот“.