Здружението за истражување и промоција на енергетска ефикасност и одржлив развој СКЕЕОР – Скопје, на 28ми октомври 2025 на Факултетот за електротехника и информациски технологии ја отвори тринаесеттата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој. Конференцијата ја отвори и како домаќин најпрвин се обрати Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.
„Факултетот за електротехника и информациски технологии е долгогодишен пионер во областа на енергетската ефикасност, обновливите извори и одржливиот развој. Нашата мисија е да создаваме инженери кои ќе ја разбираат технологијата во контекст на општеството и ќе ја применуваат во корист на заедницата. На ФЕИТ постојано вложуваме во развој на таленти, иновации и интердисциплинарни истражувања, како и во модерни лаборатории каде студентите можат практично да се запознаат со темите што ги обработува оваа конференција. Горди сме што со вакви иницијативи го зајакнуваме нашето учество во процесот на енергетска, зелена и дигитална транзиција“, истакна Проф. Д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, во неговото обраќање пред учесниците на тринаесеттото издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР), која се одржува од 28 до 31 октомври 2025 на истоимениот факултет во Скопје.
Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Атанасовски посочи дека во текот на изминатите години, СКЕЕОР прерасна од студентска конференција во вистинска традиција на нашиот факултет – форум што ги обединува студентите, професорите, истражувачите и претставниците на индустријата во заедничка мисија: да се споделуваат знаења, искуства и иновативни идеи за иднината на енергијата и технологијата. Со јасен мотив – да ја зајакнеме улогата на студентите како двигатели на позитивни промени, како идни инженери кои ќе придонесат кон решенија што ќе го заштитат нашиот екосистем и ќе го поттикнат технолошкиот напредок во одржлива насока. СКЕЕОР е местото каде што младите можат да покажат дека енергетската ефикасност не е само технички предизвик, туку и вредност, начин на размислување и стил на живеење.
„ Ова издание носи свеж фокус на најактуелните теми: обновливи извори на енергија и нивната интеграција во енергетските системи, електрични возила и енергетски ефикасен транспорт, циркуларна економија и управување со отпад, како и улогата на вештачката интелигенција во енергетиката. Со помош на вештачка интелигенција денес можеме да развиваме паметни системи кои следат, анализираат и предвидуваат потрошувачка, а тоа директно придонесува за намалување на загубите, зголемување на ефикасноста и подобро управување со ресурсите“, рече пред присутните деканот на ФЕИТ, проф. д-р Атанасовски.
Коорганизатор на конференцијата покрај Факултетот за електротехника и информациски технологии традиционално е и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, како конференција наменета за студентите секогаш е поддржана и од Универзитетско студентско собрание при УКИМ, во чие име за прв пат во својот мандат се обрати новата Претседателка Ангела Василевска, поздравувајќи го ангажманот на студентите, да креираат идеи и да бидат активни двигатели на позитивните промени.
Претседателката на СКЕЕОР, Емилија Зумрова, појасни дека оваа конференција преставува спојување на знаењето, иновациите и визиите за иднината.
„Секое издание на СКЕЕОР има своја приказна. Оваа година, нашата приказна е приказна за визија, за храброст и за дејствување. Во општество кое сè повеќе бара решенија што се енергетски ефикасни – ние инженерите, сме тие што треба да ја понудиме промената. Нашата мисија не е само да дискутираме за проблемите, туку да размислуваме практично, иновативно и интердисциплинарно. Енергетската ефикасност не е само технички поим – тоа е начин на размислување и начин на живеење “, рече Зумрова.
На крајот од свеченото отворање, во своето обраќање координаторот на конференцијата проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска ја истакна важноста на континуираниот раст на конференцијата и уделот на сите генерации кои вложиле во неа.
„Денеска ја продолжуваме серијата од успешно организирани минати конференции, кои опстојувајќи низ годините наназад, ја потврдуваат далекусежноста на идејата за првата студентска конференција, која ги стави студентите во улога на креатори, организатори, истражувачи, модератори, говорници, дизајнери. Сите претходни конференции, со содржините кои ги понудија, со идеите кои ги родија и реализираа, го издигнаа СКЕЕОР во препознаена и ценета платформа, каде знаењето, искуството, најновите технолошки достигнувања, но и напредните идеи кои се на повидок, ги сплотуваат на едно место студентите, професорите, компаниите и институциите.“, се дел од зборовите на проф. Лихнида Стојановска-Георгиевска.
Годинава, конференцијата нуди богата и разновидна агенда која покрај студентските трудови, вклучува и исклучителни предавања на најактуелните теми на денешницата поврзани со климатските промени, енергетската транзиција и одржливата енергија, дигитализацијата и вешталката интелигенција и улогата на иновациите во енергетскиот сектор, понатаму интересни панел сесии, работилници, како и компаниски презентации. Повеќе информации за деталната Агенда може да се најдат на https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=mk.
Претседателот на Организациониот одбор Марко Доневски, ги најави и признанијата кои конференцијата ги додели за прв пат оваа година: „СКЕЕОР тежнеејќи да биде инспирација и секоја година да понуди нешто ново, оваа година за прв пат доделува Признанија за најдобри студентски трудови во следните две категории
– најдобар студентски труд за предложено најиновативно решение за решавање на енергетските предизвици
– најдобар студентски труд со најголем потенцијал за позитивно влијание и придонес за надминување на енергетските предизвици“
Признанијата ги врачи Деканот на Факултетот. Годинава наградата за исклучителен студентски труд кој демонстрира креативност, истражувачка извонредност и способност за предлагање иновативно решение насочено кон надминување на современите енергетски предизвици и унапредување на одржливиот развој, им беше доделена на Саша Јовановска, Марија Јордановска и Ања Јефтимова, за трудот со наслов
ИНТЕГРАЦИЈА НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО ПАМЕТНИ МРЕЖИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА
Додека Признанието за најдобар студентски труд со најголем потенцијал за позитивно влијание и придонес за надминување на енергетските предизвици го добија Емилија Чешмеџиевска, Павел Тасевски и Никола Тасевски, за трудот со наслов
ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ СО ФОТОВОЛТАИЧНИ СИСТЕМИ И СИСТЕМИ ЗА СКЛАДИРАЊЕ НА ЕНЕРГИЈА: СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ ЗА КОЗЛЕ ИНСТИТУТОТ
Се надеваме дека овие Признанија ќе бидат поттик за нови идеи и предложени нови решенија, кои ќе ја движат интелектуалната идеја на студентите кон реалност.








