Персонализирано учење во мерната техника поддржано со машинско учење

Објавено: декември 11, 2024

На 5 и 6 декември 2024 во факултетската лабораторија FabLab и Центарот за трансфер на техонологии и иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа воведниот kick-off состанок за имплементација на проектот „Персонализирано учење во мерната техника поддржано со машинско учење“ ( PEMS-ML). На средбата се поставија основните насоки на проектот, се дефинираа  улогите и одговорностите на учесниците и се презентираше двогодишната временска рамка за реализација. Учесниците дискутираа за планираните активности и главните цели на проектот, со акцент на важноста од соработката и координираната комуникација при имплементацијата.

PEMS-ML е проект на ФЕИТ од програмата KA220-HED – Cooperation partnerships in higher education (KA220-HED). Предвидено е да трае две години со вкупен буџет од 120000 евра. Проектот е ко-финансиран од Еразмус+ програмата од Европската Унија и почна со имплементација на 1 ноември 2024 година. Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е водечки партнер во проектот. Останати партнери во проектот се: Politecnico di Milano (Polimi) и Универзитет у Нишу, Електронски Факултет (UNI). Претставници од Политехникиот универзитет во Милано, оддел за електроника, информатика и биоинженерство беа: Marco Faifer (координатор на тимот), Loredana Cristaldi и Christian Laurano, додека од Универзитетот во Нип, Електронски факултет присуствуаа: Milan Dinčić (координатор на тимот), Dragan Denić, Jelena Jovanović I Milica Stojanović. Како учесници на домашниот тим се преставија: Маре Србиновска (координатор на тимот), Владимир Димчев, Живко Коколански и Кирил Демерџиев.

Во проектот се предвидува развој на иновативен концепт на персонализирано учење во високото образование и негова примена во областа на мерната техника. Овие едукативни концепти се во синергија со најновите препораки од областа Едукација 5.0 каде што студентот и неговите лични особености се наоѓаат во центарот на едукативниот процес. Имплементацијата на концептот на персонализираното учење ќе се изврши со примена на машинско учење и вештачка интелигенција.

Како очекувани резултати е развојот на интерактивни мултимедијални материјали и дизајн на софтверски платформи насочени кон персонализирано учење.

Дводневната агенда најпрвин започна со воведен состанок кај Деканот, проф. д-р Владимир Атанасовски кој им посака успешна и ефикасна имлементација на проектот на сите учесници. Се дискутираше за воведување иновативни концепти и методи за персонализирано учење во мерната техника и можноста за дефинирање нови техники за полесно совладување на материјалот за учење на студентите.

Потоа, според агендата состанокот продолжи со презентација на курсевите кои се покриваат на секој од партнерските институции учесници во проектот. Се разговараше за дефинирање на унифицирани шаблони за користење при промоција на проектот, вклучувајќи единствено лого на проектот, како и логоата од сите Универзитети учесници во проектот.

Во рамките на работниот пакет два се дискутираше за анализа на потребите од воведување персонализирано учење и преглед на постојните курсеви. Понатаму, се дефинираа иновативни содржини за курсот, како и развивање на иновативни наставни методологии усогласени со персонализираниот пристап на учење. Во рамките на работниот пакет четири дисеминација се разговараше за начините на промоција на проектот и креирање на брошури, флаери и останати материјали за поголема видливост на проектот. Исто така, се предложи учество на неколку конференции за презентација на активностите сработени во рамките на проектот.

Средба на учесниците со Деканот на ФЕИТ

Работен состанок во ИНОФЕИТ