Почеток на имплементација на GoToTWIN, втор проект од програмата Interreg IPA ADRION во кој е вклучен ФЕИТ          

Објавено: септември 3, 2024

Од 1 септември 2024 официјално започна имплементацијата на проектот GoToTWIN под раководство на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот е од програмата Interreg IPA ADRION, предвиден е да трае 3 години и има вкупен буџет од 1,7 милиони евра. Покрај ФЕИТ, како водечки партнер, во проектот учествуваат уште 6 партнери и 9 асоцијативни институции од повеќе држави од регионот.

Проектот GoToTWIN ќе овозможи забрзана интеграција на обновливите извори на енергија во Јадранскиот и Јонскиот регион преку користење на технологијата на дигитален близнак. Проектот вклучува развој на дигитална платформа за дигитален близнак, интеграција на обновливи извори за енергија во т.н. жива лабораторија, формирање на регионална мрежа од компании и институции, како и создавање на заедничка, регионална, стратегија за поттикнување на примената на дигитален близнак во енергетиката. Проектот ќе овозможи поефикасно управување со енергетските системи, оптимизација на енергетските ресурси и зголемување на системската ефикасност преку користење на вештачка интелигенција и анализа на податоци. Исто така, проектот GoToTWIN придонесува за соработка, размена на знаења и одржливо управување со енергетските ресурси во нашата држава и во регионот.

Покрај GoToTWIN, ФЕИТ е вклучен во уште еден проект од Interreg IPA ADRION програмата, а тоа е проектот INNOVABLUE. Овој проект започна на 1 јули 2024 и е насочен кон обезбедување нова перспектива во однос на развојот на одржлива сина економија во јадранско – јонскиот регион. INNOVABLUE е партнерство на 9 институции и 7 асоцијативни членови со вкупен буџет од 1.5 милиони евра. Главната идеја е да се поттикне развојот на поморски технологии и иновации за одржлива сина економија, посилна соработка низ јадранско – јонскиот регион, подобрување на соработката меѓу заинтересирани страни од четворниот хеликс, развивање на нови регулаторни рамки за справување со регулаторните пречки кои го забавуваат усвојувањето и скалирањето на иновативните сини технологии, зголемување на финансирањето за проекти за сини технологии преку мапирање на потенцијални можности за финансирање, развивање на инвестициски портфолија и ангажирање на заинтересираните страни за поддршка на иновативни морски технологии и олеснување на преносот на технологија во морскиот сектор за зајакнување на конкурентноста и одржливоста на секторот.