Почна јубилејната Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР

Објавено: октомври 26, 2022

Денеска беше отворена јубилејната десетта студентска Конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, на која во наредните четири дена ќе бидат презентирани научни трудови од студенти, предавања на професори и презентации на компании.

 Годинава на конференцијата присуствуваат 30 учесници од Северна Македонија, Косово и од Србија кои ќе презентираат 20 трудови.

Истакнувајќи го значењето на собирот, претседателката на Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР), Емилија Наумоска нагласи дека во годината на економска и енергетска криза, глобално затоплување и климатски промени, особено доаѓа до израз непроценливото значење на конференции и организации како што е оваа, каде младите двигатели на промените во општеството презентираат свои истражувања, идеи и решенија во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, со една цел – достапна и чиста електрична енергија и одржлива иднина.

Координаторот на СКЕЕОР, проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска рече дека 2022 година не е само година на предизвици, како енергетски, безбедносни, и здравствени, туку се одбележува и како Европска година на младите за да се истакне важноста на младите во градењето на подобра иднина – зелена, инклузивна и дигитална.

– Пред 10 години се роди свежа студентска идеја, порив за искажување на гласот на младите, потреба за активно вклучување во креирањето на иднината, која капка по капка го дава својот придонес во промоцијата на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Израснувајќи од срамежлив обид на неколку студенти ентузијасти, студентската конференција СКЕЕОР од година во година прераснува во значаен чинител во промовирање на енергетските цели. СКЕЕОР со своето дејствување се етаблира како платформа за интеракција меѓу младите, академската средина и компаниите, но и јавниот сектор, чинејќи цврста синергија помеѓу нив за развивање и споделување идеи, но и овозможување на нивна реализација за што особено се важни компаниите и јавните институции кои ја поддржуваат конференцијата, рече Стојановска-Георгиевска.

За деканот на Факултетот за електротехника и информациска технологија, Димитар Ташковски, СКЕЕОР веќе не е само меѓународна конференција, туку институција која се гради една декада со ангажман на студентите.

 – Со континуирана и посветена работа може да се постигнат резултати. Ние како Факултет мора да признаеме дека сме мотивирани и од самите студенти во подобрување на енергетската ефикасност и во придонесот за одржлив развој. Во таа насока, направивме реконструкција на фасадата со енергетски ефикасна фасада, инсталиравме три фотонапонски централи со вкупна моќност од 32 киловат часови, инсталиравме систем за следење потрошувачката на енергија во реално време, ја заменивме речиси целата надворешна топловодна инсталација, континуирано ги менуваме светилките со штедливи светилки, инсталиравме полнач за електрични возила. Со сите овие активности потрошувачката на електрична енергија во последните пет-шест години е намалена за половина, рече Ташковски.

Проректорката на УКИМ и претседателка на Инженерската институција на Македонија, проф. д-р Христина Спасевска рече дека оваа конференција е значајна за студентите. – За Универзитетот, давате поттик дека младите може многу да направат во претставување на своите знаења и пример на другите студенти да го следат вашиот пример. За вас како студенти, ве учи да работите тимски при организација на настанот и да откриете дека научно-истражувачката работа не се работи самостојно, ако сакате да бидете успешни истражувачи во компании или академијата. Исто така, конференцијата ве учи дека престижна наука во мала држава како што е нашата се остварува само со интердисциплинарност и интернационализација, рече Спасевска.

Низ конференцијата изминатите десет години минале повеќе од 1.500 учесници, речиси 300 изработени студентски трудови и се претставиле повеќе од 50 компании и институции препознатливи по дејствувањето во доменот на енергетската ефикасност и одржливиот развој.