Посета на студенти на ФЕИТ на МРТ

Објавено: декември 29, 2025

Во рамките на својата долгогодишна соработка, група на студенти од ФЕИТ кои го слушаат предметот Електроакустика го посети Македонското радио, кое ја одбележува 80-годишнината од своето постоење. Љупчо Дебарлиев и Живко Маневски од техничкиот кадар на МРТ на студентите им ги презентираа просторните и техничките капацитети со кои располага радиото. Студентите имаа можност од прва рака да се запознаат со инженерските предизвици и решенија кои се потребни за непречено функционирање на една институција од ваков ранг. Беше извршена посета на повеќе музички и програмски студија, вклучувајќи го и М1 – едно од најдобрите студија за снимање на музика на Балканот и пошироко. Притоа, детално беше дискутирана акустичката обработка на студијата и студиската аудиотехника: микрофони, миксери, звучни ефекти, засилувачи, звучници и носачи на звук. Истовремено, беше прикажан историскиот развој и примена на овие технологии.