Презентирана платформа за виртуелни лаборатории

Последна измена: февруари 7, 2023

Во рамки на проектот „A ubiquitous virtual laboratory framework – UbiLAB“ од Еразмус+ програмата, вчера на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа еднодневен настан за дисеминација (Multiplier Event).

Деканот на ФЕИТ, професор Димитар Ташковски, ја истакна потребата и логичното надградување на системите за далечинско учење со системи за виртуелни лаборатории. „Овие системи се замислени да го надополнат, но не и целосно да го заменат студентското искуство стекнато во лабораториите при изработката на практичните вежби“, рече Ташковски пред присутните во просториите на ИНОФЕИТ.

Според професорите Марија Календар и Живко Коколански, главни изработувачи на проектот, UbiLAB има неколку цели: креирање заедничка и централна платформа за сеприсутни виртуелни и далечински лаборатории и софтверски лаборатории имплементирани во облак; можности за дигитализација на постоечки лабораториски експерименти; како и подобрување на реалното, но сепак виртуелно, искуство на студентите во виртуелните лаборатории. Конечната платформа ќе обединува најразновидни крајни елементи: реални хардверски лаборатории, виртуелизирани / симулирани експерименти, софтвер и ресурси за виртуелна работа.

На настанот се пренесе знаење и информации за работата на проектот, а од особен интерес беше истакната можноста за примена на изработената платформа за виртуелни лаборатории и во средните училишта, како во стручните, така и во оние за гимназиско образование. Слична примена може да се замисли и за компаниите кои располагаат со ограничени ресурси (хардверски/софтверски), а кои би сакале да обезбедат далечински пристап за своите вработени и клиенти.

Во текот на настанот беа прикажани дел од резултатите од проектот и поголем дел од практичните решенија во рамки на платформата за виртуелни лаборатории – UbiLAB Framework изработени од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од партнерите Факултетот за електротехника и компјутерски науки – Универзитет во Марибор, Словенија и Универзитетот Анхалт, Германија.

На настанот присуствуваа повеќе од 40-тина учесници од компании кои работат во сродни области, компании надворешни партнери на проектот, како и ученици и наставници од средните училишта со кои ФЕИТ негува долгогодишна соработка: СЕТУГС „Михајло Пупин“ Скопје, СУГС “Владо Тасевски“ Скопје, СОСУ „Илинден“ Скопје, СУГС „Орце Николов“ Скопје.