Во рамките на соработката помеѓу Интеракт клубот Визија и ФЕИТ ФабЛаб, на 19 декември 2025 беше одржана првата од серијата работилници за изработка на асистивни уреди. Во рамки на оваа соработка студентите на ФЕИТ ќе менторираат група на средношколци и ученици од основни училишта во процесот на дизајн и изработка на асистивен уред наменет за аугментативна и асистивна комуникација на деца со попреченост, со цел да им се овозможи полесна комуникација, изразување на чувства и јасно искажување на нивните потреби.
Во рамките на работилниците, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со технологиите зад целиот процес на изработка на асистивни уреди – почнувајќи од дизајнот на електрониката, реализацијата на печатената плочка, дизајнот и 3Д печатењето на кутијата и програмирање на микроконтролерот. Конечната цел е да се направи целосно функционален прототип асиситивен уред кој би можел и практично да се користи.
Тимот на студенти на ФЕИТ го води Анамарија Илиева, а го сочинуваат Анастасија Петреска, Сашка Дукиќ, Андреј Каланоски, Андреј Трендафилов, и Ангел Затуроски, студенти на насоката Компјутерско хардверско инженерство и електорника (КХИЕ), а е под менторство на м-р Никола Јовановски и професорите д-р Јосиф Ќосев и д-р Бранислав Геразов.
Оваа иницијатива е пример како младите, образованието и иновациите можат заедно да создадат реални решенија со социјално влијание. Веруваме дека ова е само почеток на една долгорочна соработка на факултетот и клубот насочена кон сензибилизацијата на најмладите и нивно вклучување во унапредувањето на инклузијата, еднаквите можности и квалитетот на живот за децата со попреченост.
„Иновациите се најмоќни кога им служат на оние на кои им се најпотребни.“




