Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје беше коорганизатор на меѓународна работилница на тема „Технологии за третирање со јонизирачко зрачење“ што се одржа на 2 декември во Стопанската комора. Партнери на настанот беа Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од Виена.
Целта на работилницата беше информирање на македонските компании и академската јавност за можностите на оваа технологија, но и за законските обврски при увозот производи од земји што имаат постројки за зрачење.
Исто така беа презентирани научноистражувачките капацитети на факултетската акредитирана лабораторија за радијациона физика РАД-ЛАБ и нејзините можности за соработка со стопанството.
Во име на АХВ се обратија државниот советник Светлана Колариќ и Катерина Геразова Ефремова кои зборуваа за законската рамка при користењето на овие технологиите со јонизирачко зрачење во нашата држава.
Проф. д-р Христина Спасевска, раководител на РАД-ЛАБ, ги презентираше резултатите од тестирањата, направени во рамки на националната мониторинг програма за последните пет години и укажа дека во Македонија се увезува храна третирана со јонизирачко зрачење. Со опремата во РАД-ЛАБ може да детектира и до 5% застапеност на третиран материјал во производите. но за жал нашите компании немаат интерес да ги тестираат увезените производи со цел заштита на потрошувачите.
На работилницата проф. д-р Уве Гох, експерт на МААЕ, ги презентираше најновите сознанија за овие технологии, постапката за изградба на индустриска постројка за зрачење и можности за повеќенаменска примена во производството на храна, како и во медицината, фармацијата и полимерната индустрија.