RoboMac Junior 2024

Последна измена: април 5, 2024

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и Македонската секција на IEEE, ја продолжува воспоставената традиција и по четврти пат го организира натпреварот за средношколци во роботика и електроника RoboMac Junior 2024, во периодот од 22 до 25 април 2024 (со пауза на 24.4.2024, поради неработен изборен ден). Натпреварот се одржува паралелно со главниот настан – RoboMac 2024.

Натпреварот ќе се одржи во просториите на ФЕИТ и на него ќе учествуваат 54 ученици од четврта година од 30 средни училишта од Р.С. Македонија, поделени во 2 категории. Освен активностите од натпреварувачки карактер, учесниците ќе имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа.

Подолу е даден опис на двете категории:

Категорија 1: RoboMac Junior – АВТОНОМНА МОБИЛНА РОБОТИКА (организирано од Институтот за автоматика и системско инженерство при ФЕИТ)

Целта на оваа категорија е да се зголеми интересот за роботика, автоматика и вештачка интелигенција меѓу средношколците во нашата земја. Учесниците, преку работа со вистински роботи, ќе се запознаат со сите клучни аспекти на еден роботски систем, почнувајќи од неговиот хардвер, можноста за негово програмирање преку соодветен софтвер, како и предизвиците за внесување на одредено ниво на интелигенција во истиот.

Учесниците во оваа категорија ќе се натпреваруваат во програмирање, управување и паметна навигација на мобилни Arduino роботи, со цел роботите самостојно и најбрзо да решат зададени задачи (избегнување препреки, следење патека, паметно паркирање и сл.). Ќе се работи во неколку фази:

  • запознавање со роботите и софтверот потребен да се испрограмираат истите;
  • склопување и програмирање на роботите, со што тие ќе се подготват за натпревар на финалната патека;
  • финален натпревар меѓу различните групи.

Број на учесници: 30, поделени во 10 екипи.

Категорија 2: RoboMac Junior – ПАМЕТНА ЕЛЕКТРОНИКА ЗА АВТОНОМНИ ВОЗИЛА (организирано од Институтот за електроника)

Целта на оваа категорија е да се зголеми интересот за паметните електронски системи кои се основа на системите со вештачка интелигенција. Учесниците ќе имаат можност практично да работат со вградливи компјутерски системи, електронски сензори, електрични мотори и драјвери за нив, како и софтвер, да развиваат и имплементираат свои алгоритми за интелигентно водење.

Учесниците во оваа категорија ќе се натпреваруваат во развој на алгоритам за извршување на специфична задача и негово имплементирање во соодветен програмски јазик за вградлива Arduino платформа. Работата ќе се одвива во следните фази:

–       запознавање со вградливата платформа и софтверот за нејзино програмирање;

–       запознавање со сензорите и електрониката за управување на моторите;

–       тестирање на електронските компоненти и развој на алгоритам за дадената задача;

–       имплементација и тестирање;

–       финален натпревар.

Број на учесници: 24, поделени во 8 екипи. 

Во текот на целиот настан, учесниците ќе имаат можност за споделување знаења, како со наставниците и асистентите на Факултетот, така и со своите врсници – натпреварувачи, а ќе имаат можност и за работа во тимови. Предвидените екипи се состојат од по тројца учесници од различни училишта.

Сите учесници и ментори ќе добијат благодарници за учество, а за најдобрите следуваат и медали.

Освен активностите во рамките на RoboMac Junior 2024, кои во основа имаат натпреварувачки карактер, средношколците ќе имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа.

Финалната агенда на RoboMac Junior 2024, како и останати детали, ќе бидат дополнително објавени.


Организациониот тим на RoboMac Junior 2024