Остварена е средба на деканите проф. д-р Владимир Мартиновски на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (ФЛФ) и проф. д-р Владимир Атанасовски на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), во рамките на соработката во двата факултети во проектот „Виртуелен музеј Конески“ финансиран од Министерството за образование и наука. Главната цел на проектот е дигитализацијата на исклучително значајниот архивски материјал оставен од македонскиот великан Блаже Конески во архивот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), негово искористување за научни истражувања, како и негово доближување до пошироката јавност преку дизајн и реализација на виртуелен музеј.
На средбата беше разговарано за техничката страна на реализацијата на проектот, со фокус на дигитализацијата на архивот, соодветната заштита на дигиталните податоци, како и реализацијата на дигиталната платформа за виртуелниот музеј. Деканот на ФЕИТ ја потврди заложбата на факултетот за успешна реализација на проектот. Од своја страна, деканот Мартиновски го искажа своето задоволство од досегашната долгогодишна соработка на двата факултети и увереноста дека таа соработка и понатаму ќе се негува и ќе се зголемува.


