Студентите на ФЕИТ заедно со СКЕЕОР во посета на значајни енергетски капацитети

Објавено: март 12, 2024

На 5ти март 2024 студентите на ФЕИТ организирани од Здружението за истражување и промоција на енергетска ефиканост и одржлив развој – СКЕЕОР, остварија посета на енергетски капацитети кои користат обновливи извори на енергија: фотоволтаична централа „Војшанци Солар“, трансформаторска станица (ТС) 400-110 kV „Дуброво“ и ветерна електрична централа „Богданци“.

Посетата е дел од активностите во проектот Green Circle: Младите за позелени заедници преку циркуларност и енергетска ефикасност, кој СКЕЕОР го спроведува во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, финансиски поддржан од Европската унија.

На посетата учествуваа повеќе од 50 студенти од енергетските насоки на ФЕИТ, предводени од проф. Димитар Димитров, проф. Лихнида Стојановска-Георгиевска и асистент Александар Крлески.

Студентите имаа можност да ја посетат првата двострана фотонапонска централа во земјата изградена од ЕВН Македонија. Централата е инсталирана во с. Војшанци, Неготино и користи технологија на бифацијални панели кои во горниот дел ја акумулираат директната сончева светлина, додека во долниот дел го акумулираат одблесокот на светлината од рефлектирачкиот материјал дополнително поставен под панелите. Инсталирана моќност на централата е 1.479,36 KW. За да се искористи максимално расположливата површина од парцелата, поставени се 4.416 фотонапонски панели на конструкција под агол од 25 степени, со површина од околу 7593,6 m2.

Во рамките на посетата на 400-110 kV ТС „Дуброво“ на АД МЕПСО, студентите одблиску го следеа процесот на контролирање на преносот на електрична енергија во националната мрежа и се запознаа со постапките за обезбедување на стабилност и доверливост на електропреносната мрежа.

Третиот дел од екскурзијата опфати посета на првата ветерна електрична централа „Богданци“, изградена во 2014 од АД ЕСМ. Електраната користи турбини кои се производство на Сименс – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. ПВЕ „Богданци“ испорачуваат околу 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Северна Македонија. Истовремено, инсталираната моќност е зголемена за 36,8 MW. Реализираното производство е поголемо од планираното, поради поволните временски услови и ветрови поголеми од 4 m/s, кои се во проектираниот работен опсег на ВЕЦ „Богданци“. Овој ветерен парк во целост ја оправдува инвестицијата на ветерот како  обновлив извор на енергија. Во тек е планирање на реализација на втората фаза со која целосно се заокружува проектот „Ветерен парк Богданци“ на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.

 Им благодариме на компаниите ЕВН Македонија, АД МЕПСО и АД ЕСМ, за овозможените посети и отвореноста кон студентите, за исцрпните презентации и споделувања на нивните секојдневни работни предизвици, од кои сите учесници понесоа вредни и незаборавни искуства.