СТЕП-АП и ФЕИТ потпишаа меморандум за соработка и стипендирање на студенти

Објавено: февруари 24, 2022

Студентите од ФЕИТ ќе можат да инвестираат во своите деловни вештини и да прераснат во водечки менаџери преку програмата за стипендирање на СТЕП-АП.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, професор д-р Димитар Ташковски и основачот на Талент бизнис инкубаторот СТЕП-АП, дипл. инж. м-р Дарко Петровски, потпишаа денеска меморандум за соработка, кој има за цел да даде поддршка во процесот на развој на деловните и меките вештини на студентите, а воедно и да отвори нови иновативни можности за соработка со индустријата.

Деканот во таа прилика ја истакна потребата од надополнување на стручните знаења кои студентите на ФЕИТ ги стекнуваат во текот на наставата со неопходните деловни и меки вештини, кои по завршувањето на студентите ќе им донесат клучна предност при вработувањето и успехот во кариерата. Напорите кои нашиот факултет и вработените ги прават за континуирано подобрување на студиските програми, квалитетот на наставата и непрекинато следење на технолошкиот развој во светот, во насока на подготовка на комплетни инженери, преку оваа соработка ќе го надополниме со можности за развој на поинакви компетенции уште во текот на студирањето, кои вообичаено нашите студенти ги стекнуваат по дипломирањето. Освен тоа, со иновативната Програма за стипендирање на бизнис таленти, ќе се воспостават и нови стандарди во грижата за талентите и во спречувањето на несразмерен ‘одлив на мозоци’ со потребите на нашето стопанство.

„Личниот, професионалниот и кариерниот развој, покрај неопходноста од стручни вештини, во реалноста клучно се темели на т.н. вештини на однесување. Талент бизнис инкубаторот СТЕП-АП веќе 6 години е единствен по својата понуда за студентите, респектирајќи ги нивните потреби од една и нивните можности од друга страна. Програмата за стипендирање, пак, уникатна по својот концепт не само кај нас туку и во регионот и многу пошироко, се стреми кон постигнување на придобивки за сите вклучени страни: студентите, универзитетите и компаниите. Студентите на ФЕИТ можат да ја искористат шансата најдоцна до 3 март да се пријават и да станат дел од четвртата генерација стипендисти. Преку реализација на својата пракса кај стипендиторот, грижливо одбрани обуки и работилници за градење на меките вештини, паричната поддршка и водството од искусните ментори, да остварат една брза и прогресивна кариера и да се вбројат во идните клучни вработени, водачи и менаџери во македонските компании и да бидат носители на технолошкиот развој и економскиот напредок на нашата земја“ – подвлече основачот на СТЕП-АП Дарко Петровски.

Линк за аплицирање: stepup.com.mk