Студентски проект: „Што дишеме?“

Објавено: јануари 10, 2025

Сл. 1 Марко, Стефан и Ристе „на терен“

Тимот студенти од проектот стави во функција осум уреди за следење на ПМ честички во ФЕИТ и во средни училишта со кои ФЕИТ соработува – вкупно четири уреди во Скопје и четири уреди во следните градови: Прилеп, Кочани, Велес и Крива Паланка. Со тоа успешно го заокруживме техничкиот дел од проектот. Во името на тимот би сакал да се заблагодарам на раководствата и персоналот на училиштата за остварената соработка.

Сега ни претстои хуманитарната фаза од проектот во која што можеме да ги искористиме информациите од уредите за едукација на учениците во однос на егзистенцијалното прашање: „Што дишеме?“ и да ги упатиме во опциите за заштита на нивното (и нашето) здравје преку примена на соодветни мерки. Поголемата ангажираност на учениците по овие прашања е клучна цел на проектот.

Во тек на проектот во два наврати беше изразен интерес за поставување на вакви уреди во училишта што не биле учесници во проектот. Ќе се потрудиме донаторите на проектот да бидат известени и да одобрат проектот да продолжи со изработка на дополнителни уреди за заинтересираните школи.

Податоците од уредот на ФЕИТ можат да се проследат на следниот линк:

https://thingspeak.mathworks.com/channels/2650581

Во продолжение се неколку фотографии од поставени уреди.

Сл. 2 СУГС Владо Тасевски, Скопје

Сл. 3 СОУ Ристе Ристески Ричко, Прилеп

Сл.4 СОУ Ѓорче Петров, Крива Паланка

 

Сл.5 Графички приказ на податоци од ФЕИТ

Како што проектирањето и изработката претставуваа предизвик, така и поставувањето покажа свои „детски болести“, најмногу во обезбедувањето на стабилна конекција со серверот ThingSpeak. Тоа предизвика дополнително задоцнување во однос на првичниот план, но на крајот проблемите беа решени и податоците непречено струјат од уредитекон серверот и обратно – од серверот кон дисплеите. Во прилог е колаж на фотографии од инсталациите.

Се разбира, техничките детали и понатаму остануваат наша преокупација: следење, тестирање и калибрација на сензорите во широк спектар на услови од околината, подобра обработка на измерените вредности и нивно презентирање, робустна конекција со серверот за прибирање и приказ на податоците…

На крајот една интересна обзервација што можеше да се проследи со помош на поставените уреди во Скопје. На 03.01 во 11:40 часот честичките на ФЕИТ паднаа од околу 200 ug/m3 на 0 за десетина минути поради дождливо и ветровито време. Десет минути подоцна истата појава се случи кај Корчагин, а дваесет минути подоцна кај В. Тасевски. Единствено кај М. Пупин доцнењето беше повеќе од 1 час, а и честичките не паднаа пониско од 50ug/m3. Очигледно до таму ветерот „изгубил сила“. Ова отвора можност за интересни анализи за движењето на загадувањето во некој простор, но сепак како некоја друга фаза од проектот…