Tри нови научно-истражувачки проекти од програмата Horizon Europe

Објавено: јули 7, 2022

Хоризонт Европа (Horizon Europe) е клучната програма на Европската унија (ЕУ) наменета за финансирање на научни истражувања и иновации, чиј вкупен буџет се проценува на 95,5 милијарди евра. Програмата има за цел да ја поттикне соработката и да овозможи посилно влијание на научните истражувања и иновации врз развивањето, поддршката и примената на политиките на ЕУ поврзани со најзначајните глобални прашања. Воедно, преку имплементација на проектите финансирани од Хоризонт Европа се овозможува создавање на нови работни места, искористување на постоечкиот научен потенцијал од Европа, зајакнување на економскиот развој, промовирање на конкурентноста на претпријатијата, како и оптимизирање на инвестициите за истражувања и иновации во различните области.

Од почетокот на 2022 започна аплицирањето за финансирање на научноистражувачки и иновациски проекти во рамките на оваа програма. Конзорциуми во кои се вклучени и тимовите на УКИМ-ФЕИТ веќе успешно го завршија процесот на аплицирање и добија грантови за финансирање на проекти за кои конкурираа на почетокот на оваа година. Меѓу нив се и проектите Технологии за доверливост, отпорност и одбрана на мрежата (R2D2) , Транзиција до одржлива иднина преку обука и образование (TRANSIT) и Европска мрежа за Хоризонт Европа- Кластер 4 Индустрија- Национални контакт точки (NCP4INDUSTRY)  .

Проектот R2D2 има за цел развивање и примена на иновативни алатки (продукти) и мерки кои ќе придонесат за подобрување на доверливоста, отпорноста и одбраната на електроенергетските системи (ЕЕС) во услови на појава на временски и други непогоди, како и ризици чиј причинител е човечкиот фактор. Продуктите ќе се развиваат и тестираат во пракса преку соработка помеѓу технолошки компании, оператори на преносни и дистрибутивни системи, регионален координатор за сигурност на ЕЕС и партнерите кои припаѓаат на академската заедница. Тимот на ФЕИТ е вклучен во фундаментите – поставувањето на основните концепти и карактеристики на продуктите, во сегменти на нивниот развој и во евалуацијата на придобивките од нивна идна широка примена (проф. д-р Александра Крколева Матеска)  .

Проектот TRANSIT пак има за цел развивање материјали и алатки кои го поддржуваат образованието на различни целни групи во областите искористување на обновливи извори на енергија, циркуларна економија и одржлив развој. Целта ќе се оствари преку интензивна соработка меѓу академската заедница, која во проектот е претставена преку неколку европски универзитети, како и претпријатија од областа на електроенергетиката. Тимот на УКИМ-ФЕИТ ќе има особено значајна улога во подготовка на соодветни материјали за надградба на знаењата на инженерите, но и на вработените во секторот енергетика кои немаат техничко образование, а кои неминовно ќе бидат вклучени во процесот на транзиција кон чиста енергија (раководител на проктот доц. д-р Петар Крстевски).

Сеопфатната визија зад Кластерот 4 во Хоризонт Европа е да се овозможи индустриско производство со користење на клучни технологии и процеси што овозможуваат обликување на европската индустрија и клучните стратешки вредности за дигитална економија. Стратешката цел на 36-месечниот проект NCP4INDUSTRY е да ја подобри комуникацијата и споделувањето на искуство на Европската NCP (National Contact Points) мрежа за Кластер 4 – Индустрија. Целта е да се воспостави конзистентно ниво на услуги за поддршка на NCP низ Европа во областа на индустриското истражување и развој, да се промовираат можностите за финансирање на Хоризонт Европа Кластер 4 -Индустрија. Исто така да се стимулира трансфер на знаење и вкрстено оплодување меѓу широката разновидност на актери и институционални групи засегнати страни. УКИМ-ФЕИТ преку своите NCP е дел од овој проект. (раководител на проект проф. д-р Христијан Ѓорески).