Успешно реализирани работилници „Соларни роботи и обновлива енергија – Иднината во наши раце“ во ФЕИТ ФабЛаб

Објавено: март 25, 2026

На 17 и 18 март 2026 година во просториите на лабораторијата ФабЛаб на ФЕИТ се одржаа едукативни и интересни работилници  на тема: „Соларни роботи и обновлива енергија – Иднината во наши раце“. Работилниците беа организирани од Лабораторијата за релејна заштита при Институтот за електрични централи и разводни постројки при ФЕИТ, a во нив учествуваа ученици од: СЕТУГС ,,Михајло Пупин”, СУГС ,,Георги Димитров”, СГГУГС ,,Здравко Цветковски” и СУГС „Орце Николов“.

Работилниците опфатија теоретски и практичен дел. Во теоретскиот дел преку интерактивни предавања беа презентирани и објаснети: трансформациите на енергија, поедините облици на енергија, основите на искористување на енергијата на ветерот и сончевата енергија за производство на електрична енергија, принципите на работа на ветерните електрични централи и фотоволтаичните системи, нивните предности, недостатоци како и нивното значење за одржлив енергетски развој и заштита на животната средина. Во практичниот дел, учесниците составуваа повеќе различни модели на соларни роботи од два едукативни сетови, ги тестираа и ја проследија нивната функционалност. Дополнително, во практичниот дел, учесниците имаа можност да изршат одредени манипулации на изведена макета на хибриден енергетски систем со обновливи извори на енергија.

Предавачи на работилниците беа: проф. д-р Софија Николова-Поцева и проф. д-р Антон Чаушевски. Во практичниот дел беше вклучен и м-р Љупчо Карајановски, стручен соработник и лаборант во Лабораторијата за релејна заштита.

Работилниците имаат за цел да ги заинтересира средношколците за проучување на поновите технологии за производство на електрична енергија кои се применуваат во електроенергетиката, понатаму да пројават интерес за наука, технологија и иновации, тимска работа како и да развиваат креативност, практични технички и иновативни вештини.