На 28 април 2025 година, во просториите на ИноФЕИТ се одржа второто издание на Денот на енергија и одржливост, во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Македонската секција на IEEE. Настанот се одвиваше во рамки на глобалната иницијатива „Денови на одржлива енергија“ поддржана од Европската комисија, со цел промоција на користење на чиста енергија и енергетска ефикасност.
Настанот започна со кратки презентации на тековните истражувачки активности на кадарот на ФЕИТ во области поврзани со енергијата, енергетската ефикасност, одржливоста, како и новите пристапи во наставата. Посебно беа истакнати резултатите од:
• 3 ERASMUS+ проекти (EcoMinds, PEMS-ML and EvolvE),
• 2 IPA ADRION Interreg проекти (INNOVABLUE, GOTOTWIN),
• 3 Horizon Europe проекти (INITIATE, TRANSIT, R2D2),
• и 1 билатерален проект.
Паралелно со презентациите, во просторот на ФЕИТ-ФАБЛАБ од 10 часот се одржа и работилница наменета за средношколци. На работилницата учествуваа 17 ученици од неколку гимназии, кои имаа можност да научат нешто повеќе за принципите на работа на електричните централи кои користат обновливи извори на енергија, концептите за сопствена потрошувачка и интеграција на производството од обновливи извори на енергија во електроенергетскиот систем. На крај, изработуваа макети на куќи, за кои мали фотоволтаични панели беа искористени за напојување на потрошувачи, со што учениците добија практично искуство за основните принципи на користење обновлива енергија.
Логистичката организација на настанот ја спроведоа професори од ФЕИТ – проф. Гога Цветковски и вон. проф. Маја Целеска Крстевска од Институтот за електрични машини, трансформатори и апарати и проф. Александра Крколева Матеска и вон. проф. Петар Крстевски од Институтот за преносни електроенергетски системи, додека студенти од студиските програми ЕАОИЕ и ЕЕС несебично се вложија како ментори на средношколците за време на работилницата.
ФЕИТ останува посветен на промовирање на одржливоста и енергетската ефикасност преку своите образовни и истражувачки активности, како и преку директна вклученост на младите генерации во процесите на учење и создавање.
Во прилог се неколку фотографии од настанот.