Успешно се реализираше првиот ден на првиот телекомуникациски хакатон за средните училишта ТелеХак@ФЕИТ 2026

Објавено: декември 22, 2025

Првиот ден од хакатонот ТелеХак@ФЕИТ 2026 успешно се реализираше на 12 декември 2025 во периодот од 12 до 15 часот.

Хакатонот помина во исклучително инспиративна и динамична атмосфера. Просториите на Институтот за телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) беа исполнети со позитивна енергија, тимска работа и многу креативни идеи, а учесниците уште од самиот почеток покажаа голем ентузијазам и желба за учење. Фокусот на Ден 1 од хакатонот беше ставен на областа Интернет и мрежи, каде што учесниците имаа можност да се соочат со реални технички предизвици.

Големиот интерес за хакатонот најдобро се согледува преку бројките. На првиот ден учествуваа вкупно 86 пријавени ученици, организирани во 22 тимови (секој тим можеше да биде пријавен со 2 до 5 члена), кои доаѓаа од 13 различни средни училишта од повеќе градови во Македонија, под менторство на 14 професори ментори од училиштата. Оваа разновидност на учесници и ментори придонесе за богата размена на идеи и искуства.

Најинтересните моменти од хакатонот ТелеХак@ФЕИТ се прикажани во видеото кое може да погледнете тука:

Хакатонот започна со воведно предавање во времетраење од половина час на темата на ден 1 од хакатонот, „Интернет и мрежи“, од проф. д-р Тони Јаневски од Институтот за телекомуникации на ФЕИТ. Со предавањето учесниците од средните училишта се воведоа во светот на телекомуникациите и информациските технологии, со приказ на развојот на телекомуникациите преку појавата на телефонијата и телевизијата се до Интернет и IP мрежите како главни мрежни технологии во телекомуникациите / ИКТ денес во 21-от век. Беше даден и краток преглед на развојот на мобилните мрежи (5G), оптичките мрежи, Internet of Things (IoT) мрежите, сите кои се користат за Интернет и IP мрежи, а кои денес се засновани на користење на напредни ИКТ технологии како што се AI (Artificial Intelligence) и cloud. На крајот беше даден и поглед кон идните телекомуникациски мрежи и услуги како што се Metaverse и XR (eXtended Reality).

Слика од воведното предавање „Интернет и мрежи“ на првиот телекомуникациски хакатон за средните училишта на ФЕИТ

По воведното предавање, асист. м-р Марија Попоска, заедно со вон. проф. д-р Томислав Шуминоски, проф. д-р Александар Ристески и останатите членови на организацискиот тим на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ, составен од професори, асистенти и студенти од 4-та година на ТКИИ, ја координираше работата на тимовите на хакатонот, заснована на поделба на 22-та тима во 3 групи.

Во периодот 13 до 15 часот секоја од трите групи тимови имаше спринт натпревар во траење од точно 30 минути за решавање на повеќе предизвици поврзани со основите на Интернет и мрежи, IP адресирањето, и анализа на мрежни конфигурации. Преку практична работа и дискусија, учесниците не само што ги применија теоретските знаења, туку и развиваа логичко размислување, комуникација и соработка во тимот.

Слики од натпреварот на тимовите на Телехак@ФЕИТ во лабораторијата за телекомуникации на ФЕИТ

Секој тим беше бодуван за својата успешност од страна на судија, при што сите судии беа од редовите на студентите во 4-та година студии на студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ) на ФЕИТ.

По внимателна евалуација на поените од страна на организацискиот тим на ФЕИТ, беше избран и прогласен победникот на првиот ден на ТелеХак@ФЕИТ, а тоа беше тимот од СУГС Георги Димитров-Скопје во кој членуваа Матеј Станчевски, Лука Пјевац, Димитриј Митковски, Јован Максимоски, Давид Василевски под менторство на професорката Надица Пиперевска Цветковска.

Второто место на Ден 1 од хакатонот го освои тимот Сајбер безбедност- Тигар од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“-Куманово, а третото место му припадна на Орце-Тим3 од СУГС „Орце Николов“-Скопје.

Им честитаме на победниците, како и на сите учесници за вложениот труд, ентузијазам и креативност!

Слика од победничкиот тим на Ден 1 од ТелеХак@ФЕИТ од СУГС Георги Димитров-Скопје со дел од организацискиот тим

Првиот ден е само почеток! ТелеХак@ФЕИТ продолжува со Ден 2 и Ден 3 во 2026 година, со уште поразновидни и подинамични теми. Сите бодови освоени на првиот ден на хакатонот се пренесуваат понатаму, а сите 22 пријавени тимови учествуваат на сите три дена од хакатонот.

Ден 2 од ТелеХак@ФЕИТ ќе се одржи на 3 март 2026 година од 12 до 15 часот и ќе биде посветен на веб технологии и AI.

Ги охрабруваме сите учесници од сите тимови да продолжат со истата енергија и љубопитност и на следните денови на хакатонот.