Вториот ден од хакатонот ТелеХак@ФЕИТ 2026 успешно се одржа на 3 март 2026 година во периодот од 12 до 15 часот, продолжувајќи ја позитивната динамика и ентузијазам воспоставени уште на првиот ден, во просториите на Институтот за телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Фокусот на Ден 2 од хакатонот беше ставен на актуелните области веб технологии и вештачка интелигенција (AI), кои предизвикаа голем интерес кај учесниците. Атмосферата повторно беше исполнета со енергија, креативност и тимска соработка, при што учениците покажаа високо ниво на мотивираност и подготвеност да се справат со нови предизвици.
На вториот ден учествуваа сите пријавени учесници кои беа и на Ден 1 на ТелеХак@ФЕИТ (кој се одржа на 12.12.2025), 86 учесници во 22 тимови, кои доаѓаа од 13 различни средни училишта од повеќе градови во Македонија, под менторство на 14 професори ментори од училиштата.
Најинтересните моменти од Ден 2 на хакатонот ТелеХак@ФЕИТ 2026 може да ги погледнете во видеото тука:
Хакатонот започна со воведно предавање од проф. д-р Валентин Раковиќ, кој ги запозна учесниците со основните концепти и современите трендови во веб технологиите и примената на вештачката интелигенција во областа на телекомуникациите и информациското инженерство.
По предавањето, тимовите продолжија со натпреварувачкиот дел, работејќи на предизвикот насловен како Future Me Simulator, со користење на веб технологии и AI, каде што требаше да демонстрираат техничко знаење, логичко размислување и ефективна тимска координација.

Слики од натпреварот на тимовите на Ден 2 на Телехак@ФЕИТ во просториите на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ
Секој тим беше бодуван за својата успешност од страна на судија од редовите на студентите во 4-та година студии на студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ) на ФЕИТ.
По завршувањето на активностите и евалуацијата од страна на судиите, беше прогласен победникот на вториот ден. Првото место го освои тимот „ЕДИ“ од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, под менторство на Елизабета Левеска и Дарко Цветкоски, во состав: Илија Волканоски, Дарио Павлески и Елена Стојоска. Второто место го поделија тимот РЈК2 од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје и тимот „Орце-тим1“ од СУГС „Орце Николов“ – Скопје, кои исто така покажаа одлични резултати и посветеност.

Слика од победничкиот тим на Ден 2 од ТелеХак@ФЕИТ од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид со дел од организацискиот тим
Им честитаме на победниците, како и на сите учесници за нивниот труд, иновативност и тимски дух!
Со успешно реализираниот втор ден, ТелеХак@ФЕИТ 2026 продолжува да ја поттикнува љубопитноста и интересот на младите за современите телекомуникациски и информациски технологии.
Сите бодови освоени досега, од Ден 1 (одржан на 12.12.2025) и Ден 2 (одржан на 3.3.2026), се пренесуваат понатаму, а сите тимови ќе учествуваат и на Ден 3 од хакатонот, финале на ТелеХак@ФЕИТ 2026 што ќе ги донесе и севкупните победници.
Ден 3 од ТелеХак@ФЕИТ 2026 ќе се одржи на 5 мај 2026 година од 12 до 15 часот, а фокусот ќе биде на cybersecurity. Очекуваме уште поголема возбуда, нови предизвици и уште поимпресивни решенија од учесниците.

