Заврши тринаесеттиот RoboMac 2025

Објавено: мај 26, 2025

Со финалниот натпревар во пет различни категории кој се одржа во Факултетот за електротехника и информациски технологии, во саботата (17 мај 2025), заврши овогодинешното издание на RoboMac.
На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ во Скопје, Машински факултет во Скопје, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје и Факултетот за електротехника и компјутерско инженерство во Приштина, распределени во 21 тим.

Категориите во кои учесниците се натпреваруваа се:

ROBOTIC ARM CHALLENGE

Секој тим имаше по два обиди за да изгради своја кула, а промена на кодот помеѓу обидите не беше дозволена. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имал највисока кула ќе ги добива сите свои освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Победници во категоријата се: Тим1: Андреа Ѓошева, Јелена Ѓошиќ и Вutrint Ramadani (Бутринт Рамадани); и Тим 2: Теона Антоноска, Granit Kuqi (Гранит Куќи) и Марта Попоска.

DETECT THE INTRUDER

Системот претставуваше хардверско-софтверски дизајн за детекција на различно поставен елемент (натрапник), од низа исти елементи, поставени на кружна линија. Поставеноста на сите елементи и на различно поставениот елемент требаше да се прикаже на TFT дисплеј. Секој тим имаше по два обиди за да го детектира различно поставениот елемент и да ја прикаже на дисплејот поставеноста на елементите. Оценувањето се базираше на освоени поени, врз основа на: бројот на детектирани елементи, детектирање на елементот кој се разликуваше во поставеноста, пресметка на радиусот на кругот на кој беа поставени елементите и аголот под кој беа поставени елементите.

Победници во категоријата се: Ема Мишевска, Цветанка Билбилоска и Ева Краус.

VOICEBOT CHALLENGE

Во оваа категорија учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот ЏетБот на македонски. Задачата беше тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препозанвање на македонски од нула, и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава.

Победници во категоријата се: Ања Јефтимова, Стефани Амбаркова, Мила Светозаревиќ.

SELF-RACING CARS

Трката се одвиваше по мапа која е означена со сива боја, по која возеа количките. Почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Брзината и прецизноста беа основните нешта валоризирани за победа. Победничка беше онаа количка која најбрзо сврти четири кругови. Доколку се случеше количката да излезе од патеката, со двете тркала, судијата на натпреварот ќе покажеше кон местото на престапот, а еден од натпреварувачите со рака ја враќаше количката зад обележаното место.

Победници во категоријата се: Мила Зајкова, Благоја Јовчев, Матеј Златков.

AI FOOTBALL

Во категоријата AI Football се одвиваше фудбалски натпревар помеѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од петте тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Тимот со најмногу голови беше победник во еден фудбалски натпревар и победата му носеше 3 поени. Откако се одиграа сите фудбалски натпревари победи тимот со најмногу поени.

Победници во категоријата се: Ангела Настовска и Андреј Даневски.