Златна диплома за електроинженерите кои дипломираа пред пет децении

Објавено: септември 30, 2022

На доделувањето во амфитеатарот на ФЕИТ присуствуваа триесетина електроинженери од дипломираните 86 во трите генерации на тогашниот ЕТФ, многумина од нив добро познати и признати имиња во енергетиката, електротехниката, стопанственици, министри, професори…


Да се видите со колеги со кои пред пет децении сте дипломирале на еден од најпрестижните факултети во земјата не е мала работа. Притоа, да се добие и златна диплома, како признание за таквиот јубилеј, задоволството го прави уште поголемо. Оваа убава традиција на Факултетот за електротехника и информациски технологии, продолжи и годинава, со доделување на Златна диплома дипломираните електроинженери од генерациите 1970, 1971 и 1972 година.

На доделувањето во амфитеатарот на ФЕИТ присуствуваа триесетина електроинженери од дипломираните 86 во трите генерации на тогаш Електротехнички факултет, многумина од нив добро познати и признати имиња во енергетиката, електротехниката, стопанственици, министри, професори… Луѓе кои учествувале во изградбата на некои од најзначајните капацитети во земјава, како што е на пример РЕК Битола, или други кои и денеска претставуваат столбови на домашната економија.

„Минатото не треба да се заборави. Не треба ниту да се игнорира. Затоа што, минатото е темел, база, на која во сегашноста ја градиме иднината. Минатото не се менува и затоа е многу важно добро да го зацементираме во сегашноста. Ние сме горди и на минатото и на сегашноста, а се надеваме ќе бидеме горди и на иднината“, вели деканот на ФЕИТ, професорот Димитар Ташковски посочувајќи дека со оваа активност ФЕИТ се заблагодарува на електроинженерите од овие генерации за придонесот за развојот на државата и промоцијата на Факултетот.

Резултатите кои ги има постигнато оваа високо образовна институција се респектабилни. Досега, на ФЕИТ дипломирале над 8.000 електроинженери и дипломирани електроинженери, повеќе од 800 магистри и над 120 доктори на науки.

Од нив, во 1970 дипломирале 27, во 1971 дипломирале 28, и во 1972 година дипломирале 31 студенти.

Во моментов, на ФЕИТ студираат околу 1.200 студенти, на сите три циклуси на студии.
„Она што е ФЕИТ денес е резултат на работата на голем број генерации наставници, асистенти, административен кадар, како и на квалитетните студенти кои сме ги имале. Од овој факултет произлегле многу научници, препознатливи во светски рамки. Од ФЕИТ произлегле и успешни инженери, стопанственици, директори на компании, успешни менаџери, многу министри, премиер… Сите тие дале свој придонес во развојот и на државата и на факултетот“, додаде Ташковски на церемонијата што се одржа во четвртокот во просториите на факултетот.

Тој посочи дека задача на секоја генерација е да креира нови вредности, а на наредната да ја надмине претходната генерација.

„Ние сме успешни во ова и посебно сме горди на нашиот образовен кадар, со кој успешно го носиме и одржуваме епитетот Најелитен факултет во Македонија“, рече Ташковски.
Генерацијата која годинава ја доби Златната диплома се всушност луѓе кои дадоа значаен придонес во развојот на државата.

„Она што го научивте на факултет имавте можност да го реализирате во пракса, ги поставивте првите електроенергетски системи. Вие сте тие кои, директно или индиректно, учествувавте во креирање на денешните електрогиганти – ЕВН Македонија, Електрани на Македонија и МЕПСО“, рече Ташковски.

Со текот на времето и со развојот во светот и кај нас, се менуваа и програмите и предметите кои што се изучуваа на овој факултет. Понекогаш промените толку брзо се случуваа што и во текот на школувањето на една генерација, мораше да се прават прилагодувања. Но токму навремените адаптирања, придонесоа оваа образовна и научна институција да биде во текот со најсовремените технологии и да образува кадри кои што ќе бидат дел од идниот развој на земјава.

ФЕИТ, како што нагласи Ташковски е меѓу водечките факултети во земјата според бројот на научно-истражувачки проекти и објавени трудови во релевантни списанија, а активно работи и на подобрување на соработката со стопанството, за што во 2018 година беше основан и Центарот за трансфер на технологии и иновации.

„Технологиите брзо се менуваат, често пати дури студентите дипломираат знаењето може и да застари, но она на што сме горди и за што сме познати е дека на студентите им даваме добра базична подготовка и дека ги учиме да размислуваат, да решаваат конкретни проекти, да проектираат. Знаете и по вас, на ова базично знаење вие целиот свој живот се до-обучувавте и до-усовршувавте за да успеете. Тоа е она што не прави различни од другите и го прави еден од најпрестижните факултети“, посочи Ташковски.

Еден од двајцата први дипломирани во генерацијата беше и Благој Ханџиски, наш познат политичар и дипломат, поранешен министер за одбрана и за надворешни работи, кој во името на присутните имаше обраќање, евоцирајќи спомени од времето на студиите.

„Она што посебно ми импонираше веднаш по запишувањето е што постарите студенти нам ни се обраќаа со колеги од првиот ден. Дека ете и ние сме признаени како дел од академската заедница“, рече Ханџиски.

Евоцирајќи спомени од студентските денови, Ханџиски со извонредна прецизност потсети на некои сериозни и забавни моменти, велејќи меѓу другото дека една од поуките е дека при изборот на професијата не треба да се врши притисок врз децата да ги исполнат желбите на родителите.

Тој исто така потсети што значеше во тоа време да се стекне со диплома електроинженер, која ги отвораше вратите на тогаш најпрестижните претпријатија.

„Патот од првите две катедри до сегашните 11 врвни институти, од првите седум наставника и четири асистенти до сегашните над 80 наставници и соработници е импозантен, како што се импозантни и бројките и од над 9 илјади дипломирани студенти , магистри, доктори на науки специјалисти , што може да се гордееме и со тоа што многу наши наставници и асистенти објавија трудови во врвните домашни и странски списанија, а некои од нив работеа како визитинг професори во врвни факултети во Европа и преку океанот, како и што факултетот даде три члена на нашата академија на науки. Се покажа дека кадарот на нашиот факултет е неговото најголемо богатство“, рече Ханџиски.