RoboMac

RoboMac е студентски семинар и натпревар во областа на роботиката, програмирањето, електрониката и вештачката интелигенција. Носител на настанот е Студентската секција на IEEE (Institute of Electrical and Electronics Engineers) во Македонија. RoboMac како настан постои од 2009. година и досега 9 пати е организиран.

Главната цел на овој настан е да се популаризира роботиката меѓу учениците и младите во Македонија и околните држави и да се иницијализира и да се поддржи функцијата на многу други проекти поврзани со роботиката. Настанот им овозможува на учесниците да се запознаат со предностите на роботиката, вештачката интелигенција и програмирањето како научна дисциплина и да се запознаат со најновите технолошки пристапи. Една од главните придобивки преку организирањето на ваков вид работилница – натпреварување е комуникацијата помеѓу учесниците, тимската работа и работа со вистински роботи, со што се добива непроценливо искуство и знаење, при што креативноста на учениците доаѓа до израз.

Натпреварувачките категории и опремата користена низ годините варираа со цел да се оддржи чекорот со светските трендови, но воглавно можат да се разделат на следниве категории: сумо, лавиринт, хуманоид, робот – детектор на линија, вештачка интелигенција, роботска рака како и категорија со дигитално процесирање на слика.  Покрај студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, низ годините учествуваа и многу студенти од странство, како и средношколци од Македонија. Бројката во просек изнесуваше околу 90 учесници по настан, од кои околу 30 се студенти од странство. Во рамките на настанот се организира и семинар каде предавања одржуваат ценети професори од нашиот Универзитет и пошироко, посветени на најголемите трендови во светски рамки, како областите поврзани со: насоки за градење роботи, навигација и управување, вештачка интелигенција, мобилна роботика, deep learning, невронски мрежи, обработка на слика, нано технологија, генерирање на траектории. Со успешно завршување на севкупните активности студентите добиваат 2 ЕКТС.

Врска до сајтот на RoboMac