СКЕЕОР

СКЕЕОР претставува студентска конференција на тема Енергетска ефикасност и одржлив развој. Основната идеја на Конференцијата е размена на идеи и мислења меѓу студентите, наставниците и претставниците од енергетските компании со што би се направил чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржлив развој. Самата истражувачка работа ги продлабочува знаењата за дадената проблематика која е од исклучителна важност во денешното општество. Конференцијата опфаќа широки и актуелни области на истражување како обновливи извори на енергија, можностите кои тие ги нудат и сите проблеми поврзани со нивното искористување како и сите класични и иновативни решенија за подобрување на енергетската ефикасност. Студентите може да обработуваат теми од областа на автоматизација како и паметни мрежи кои вклучуваат интегрирање и редовно користење на електрични возила што води кон зголемување на одржливоста и доверливоста на снабдувањето со електрична енергија. Енергетски ефикасните материјали и објекти имаат огромен потенцијал кој студентите исто така ќе можат да го истражат во рамките на конференцијата.

Конференцијата,  пред сѐ е наменета за додипломци и постдипломци кои сакаат да изработат и достават труд на некоја од темите на фокус, претставници од академската средина кои се занимаваат со оваа проблематика и сите компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи кои се поврзани со енергетска ефикасност и одржлив развој. Ова е единствена можност да се соберат заедно студентите, нивните професори, експертите и успешните компании кои се професионалци во оваа проблематика. Размената на искуства ќе помогне секому да напредува во научната кариера и личниот развој.

Шест години по ред, СКЕЕОР се одржува под покровителство на ФЕИТ. СКЕЕОР низ годините станува сѐ поактуелна конференција со сѐ поголем број учесници од земјата и од странство. Од почетоците во 2013., квалитетот на изработените трудови се подобрува во секоја наредна година. Тенденцијата е да се издигнува нивото на конференцијата со голем број на соработки, поддржувачи, спонзори и извонредни пленарни предавачи.

Врска до веб страницата на СКЕЕОР.