Континуираната соработка меѓу ЕВН Македонија и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја потврдуваме и со потпишување на Меморандум за соработка во полето на научни истражувања и иновации. Овој меморандум ја потврдува нашата заедничка посветеност на иновациите, истражувањата и образованието и ја засилува врската меѓу академијата и индустријата.
Со продлабочување на нашата соработка, целиме кон развој и широка примена на иновативни решенија во сите области на електротехниката и информациските технологии, поттикнувајќи размена на знаење што ќе биде од корист и за идните инженери и за индустријата во целост. Оваа иницијатива ќе овозможи да се искористат заедничките истражувачки потенцијали за учество во меѓународни проекти и уште поголема препознатливост на нашата академска заедница, што е особено важно за студентите на ФЕИТ, како и да се развиваат и применуваат иновативни решенија во реални услови. Веруваме дека преку ова партнерство ќе создадеме нови можности за професионален развој, ќе ја поттикнеме дигитализацијата и ќе придонесеме за одржлива енергетска иднина.
Потпишувањето на Меморандумот беше проследено со заеднички состанок меѓу м-р Волфганг Маиер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, д-р Игор Гиевски, член на управниот одбор на компанијата, Анета Петровска – Русомароски, раководител на одделот за Иновации, одржливост и животна средина и Ирина Илијеска Лефтеровска од истиот оддел и претставници од ФЕИТ – деканот, проф. д-р Владимир Атанасовски и продеканката за наука и меѓународна соработка, проф. Александра Крколева Матеска. Состанокот беше исполнет со дискусии за можностите за соработка во сите области од електротехниката и информациските технологии, особено за предизвиците во спроведување на процесите на дигитализација и енергетска транзиција, но и можностите за примена на иновативни решенија и нови технологии со кои ќе се поддржи спроведувањето на овие процеси. Се согласивме дека заеднички можеме да ја поттикнеме иновативноста и креативноста на нашите студенти, кои ќе продолжат да бидат носители на овие сложени процеси.