Летна школа Мултимедиски технологии

Објавено: јули 11, 2019

Летната школа Мултимедиски технологии има за цел да им овозможи на студентите од завршните години проширени теоретски и практични знаења во областа на мултимедиските технологии. Таа е организирана од Институтот за електроника и традиционално се одржува пред почетокот на зимскиот семестар, а за прв пат беше организирана во 2015. година.   

Програмата е комбинација од стручни предавања, лабораториски вежби и практична работа во тимови. Во термините за практична работа студентите ги испробуваат стекнатите теоретски знаења со помош од асистентите на летната школа и работат на финалните тимски проекти. Вообичаено лабораториските вежби се одржуваат во Лабораторијата за дигитално процесирање на сигнали, а тимската работа во Лабораторијата за електроника. Најчесто лабораториските вежби се изведуваат во програмскиот пакет МАТЛАБ. 

Школата завршува со презентација на тимските проекти. Студентите во групи по тројца, се натпреваруваат за најдобар продуциран аудио – визуелен материјал и  притоа се доделуваат симболични награди. Успешното завршување на школата им носи на студентите 1,5 кредити.