LabVIEW академија

Последна измена: јули 3, 2020

Во 2014. година Факултетот за електротехника и информациски технологии за првпат го имплементираше програмот „Laboratory Virtual Instrument Engineering Workbench (LabVIEW) академија” и со тоа стана првата научно – образовна институција во Република Македонија која е лиценцирана за обука на студенти за работа со развојната програмска платформа LabVIEW. Со имплементирање на овој програм, студентите од ФЕИТ се здобија со можност за совладување на материјата следејќи современа наставна програма пренесена од страна на сертифицирани наставници, за потоа и истите да добијат можност да се сертифицираат преку полагање на официјален испит во соработка со National Instruments. Оваа програмска платформа е широко прифатена во сите универзитети во светот и се користи за научно – истражувачки и за индустриски апликативни цели. Во периодот од 2014. до 2019. година LabVIEW академијата обучи приближно 300 студенти на додипломските студии од кои 57 се здобија со официјален Certified LabVIEW Associated Developer (CLAD) сертификат, додека одговорните наставници на предметот вон. проф. д-р Живко Коколански и дипл. елек. инж. Бодан Велковски ја стекнаа титулата Certified LabVIEW Developer (CAD).  

Од периодот на формирањето, LabVIEW академијата зема активно учество на Балканскиот натпревар по LabVIEW на кој ФЕИТ беше и домаќин во 2017. година. На натпреварите, студентските екипи од ФЕИТ два пати освоија прво екипно место и остварија голем број индивидуални пласмани од првото до петтото место. Студентската екипа на ФЕИТ го искористи здобиеното знаење од LabVIEW академијата за изработка на софтверска симулација за енергетска ефикасност во LabVIEW со која го освои првото место на итернационалниот инженерски натпревар ICAMES 2018.