Покана за предавање „Интерфејс помеѓу мозок и компјутер“од дипл. инж. Викторија Димова

Датум на настан: 17.09.2019

Почитувани колешки и колеги,

Со големо задоволство Ве поканувам на предавањето „Интерфејс помеѓу мозок и компјутер“ кое ќе го одржи дипл. инж. Викторија Димова , на 17.09.2019 г. (вторник) со почеток во 12:00 часот, во салата за состаноци при ФЕИТ. Тоа ќе биде одржано во рамки на редовните активности на здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB) и здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC) од македонската секција на IEEE.

Во продолжение е апстрактот од предавањето и кусата биографија на предавачот.

Со почит,
Томислав Карталов

Претседател на здружениот оддел за SP/EMB

Апстракт

Интерфејс помеѓу мозок и компјутер (анг. Brain-computer interface – BCI) претставува интерфејс каде од измерените сигнали од мозокот се произведува некаква извршна функција со помош на компјутерски уред. Ваквиот интерфејс се користи за замена, обновување, засилување, дополнување и/или подобрување на излезот на нервниот систем.  Ова предавање најпрво ќе ги опфати основите на BCI, а потоа фокусот ќе се стави на две под-класи:

  • BCI базирани на потенцијали во мозокот кои се произведени поради некој настан (анг. Event-related potential based BCI)
    • BCI кои се користат како замена за говор (анг. Speech BCI). Во овој дел ќе се презентираат најпопуларните и најновите истражувања во полето и инженерските предизвици.

Како вовед во предавањето може да се погледне следното видео:
https://www.youtube.com/watch?v=Or5iPWtFh5g&feature=youtu.be

Биографија

Викторија Димова е дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии. Таа има дипломирано на ФЕИТ, УКИМ во 2017 година на насоката Компјутерско Хардверско Инженерство и Електроника, а моментално студира на Техничкиот Факултет во Минхен (ТУМ) на програмата Невроинженерство. Во текот на своето образование се има стекнато со работно искуство како демонстратор на ФЕИТ, практикант во voice INTER connect во Дрезден, вработен студент во R&D во Mr Beam и Brainlab AG во Минхен, студент-истражувач на Универзитетот во Виена и студент-асистент на ТУМ. Во периодот 09/2016 – 06/2017 беше в.д. претседател на студентската секција на IEEE Solid State Circuit Society, а покрај тоа во слободно време има учествувано во низа други активности.