ФЕИТ е првата и единствена високообразовна институција во државата која има меѓународна акредитација на своите седум студиски програми на прв циклус на студии.
Меѓународната акредитација на студиските програми на прв циклус на студии на ФЕИТ ја спроведе германската агенција за акредитација на студиски програми од областа на техничките науки, информатика, природните науки и математика ASIIN.
Со оваа меѓународна акредитација ФЕИТ ја потврди својата европска ориентација и го докажа својот квалитет преку структурата и содржината на студиските програми, начинот на реализацијата на наставата, условите за работа, квалитетот на наставниот кадар, научно-истражувачката работа и механизмите за контрола на квалитетот.
ASIIN, која е овластен од ENAEE (Европска мрежа за Акредитација на инженерско образование) за издавање на европскиот сертификат EUR-ACE за студиски програми од инженерството во процесот на меѓународна акредитација на ФЕИТ му го додели и овој сертификат. Со тоа дипломата од ФЕИТ стана официјално призната во цела Европа.
За сите сегашни и идни студенти на ФЕИТ, EUR-ACE сертификатот
- е гаранција дека студиските програми на ФЕИТ ги задоволуваат високите европски и интернационални стандарди и се препознаени од работодавците во Европа
- го олеснува процесот на аплицирање на магистерски студии на други високообразовни институции во Европа
- овозможува да станат овластени инженери, во земјите каде инженерската професија е регулирана