Институтот за електрични машини, трансформатори и апарати (ИЕМТА) низ наставната, научно – истражувачката и апликативната дејност ја негува и развива проблематиката од областите: електрични машини, трансформатори и апарати, електромоторни погони и обновливи извори на енергија. Во едукативната сфера на работењето на ИЕМТА, се одржува настава на првиот, вториот и третиот циклус студии. Научно – истражувачката и апликативната дејност се реализира преку голем број проекти и студии кои произлегуваат од соработката со домашните компании, но и од долгогодишната соработка со низа интернационални универзитети, институти и институции. Резултат на научно – истражувачката работа на членовите на Институтот се големиот број објавени трудови во реномирани меѓународни списанија и зборници на трудови на домашни и меѓународни конференции.
Дејностите на Институтот ги реализраат: проф. д-р Гога Цветковски – раководител на ИЕМТА, проф. д-р Влатко Стоилков, проф. д-р Горан Рафајловски, проф. д-р Крсте Најденкоски, вонр. проф. д-р Михаил Дигаловски, доц. д-р Маја Целеска, асистент Иван Темелковски и техничкиот соработник м-р Љупчо Карајановски.
Формирањето на Институтот датира од вработувањето на проф. Станимир Јовановски, во 1960. година, кој е и прв раководител на Катедрата за електрични машини, како и на Лабораторијата за електрични машини. Со развојот на Факултетот, Катедрата за електрични машини во 1982. прераснува во Завод за електрични машини, трансформатори и апарати, а денешниот назив го добива во 1994. година.
Во работата на Институтот, од неговото формирање, покрај проф. Јовановски, од 1961. година, учествуваат: проф. Дионис Манов, Ванчо Георгиев, проф. Благој Димитров, Младен Алчев и Кирил Даскалов. Во периодот по 1970. година, Институтот се проширува со проф. Лидија Петковска, проф. Милан Чундев, проф. Дамјан Христовски, асистентите Ѓорѓи Такашманов и Живко Симоновски, како и техничкиот соработник Димитрија Анастасовски. Првата и втората генерација членови на Институтот, даваат голем придонес во развојот на сите дејности во областа на електричните машини, трансформатори и апарати. Од 2015. година, член на Институтот е и проф. Слободан Мирчевски, кој претходно, од 1979. година, бил член на Институтот за електромоторни погони.
Создавањето нови кадри во рамките на ИЕМТА е една од најзначајните заложби на членовите на Институтот. Од тие причини, во понатамошниот период, се вработуваат: Влатко Чингоски (1986), Влатко Стоилков и Горан Рафајловски (1988), Крсте Најденкоски (1992) и Гога Цветковски (1997). Кадровскиот континуитет на Институтот продолжува во 2009. година, со вработувањето на Михаил Дигаловски и на Маја Целеска, во 2013. година. До денес, во работата и развојот на Институтот, учествува наставен кадар од четири генерации. Развојот на ИЕМТА е проследен со постојано осовременување и прилагодување на наставните планови и програми, согласно актуелните текови во електроенергетиката и индустријата, како и со реформите во високообразовниот систем.
Така, првите две генерации наставници и соработници даваат значителен придонес во формирањето базични предмети од областа на електричните машини и трансформатори, додека, во последниов период, се развиваат предмети од областите на моделирање и динамика на електричните машини и трансформатори, како и примена на енергетските преобразувачи во управувањето на електричните машини. Целта е да се следи трендот на развојот на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, како два основни столба на енергетската одржливост.
Развојот во областите коишто ги негува Институтот се продлабочува со формирањето поголем број предмети за втор и трет циклус студии. Во постоењето на Институтот, покрај значителниот број на дипломирани инженери по електротехника, одбранети се над 100 магистерски трудови и над 20 докторски дисертации.
Иновативниот и современ пристап во изведувањето на наставата е основна заложба на членовите на ИЕМТА од самиот почеток па до денешен ден. Така, освен подготовката на учебници и материјали за вежби кај повеќето од предметите, се води сметка и за подготовка на практични програми и компјутерски вежби, со цел проблематиката да се доближи до студентите и да им се овозможи запознавање со софтверските алатки кои ќе можат да ги користат и по завршувањето на студиите. Наставно – образовниот процес е покриен со: учебници, учебни помагала и други материјали. Позначајни се „Микромашини“, од проф. Лидија Петковска, „Испитување на електрични машини“ од проф. Дамјан Христовски, „Лабораториски практикум по испитување на електрични машини“ од проф. Дамјан Христовски и проф. Станимир Јовановски, „Електрични мотори (динамика и управување)” (УКИМ) од проф. Горан Р. Рафајловски, во 2012. година, „Induction Motor – Dynamics and Vector Control” (Scholar’s Press) од проф. Горан Рафајловски и доц. Михаил Дигаловски во 2015. година, „DC Motor – Dynamics and Control” (Scholar’s Press) од проф. Горан Рафајловски и доц. Михаил Дигаловски во 2015. година, „Design of Energy Efficiency Power Transformer”, (Scholar’s Press) од доц. Михаил Дигаловски, проф. Горан Рафајловски и проф. Крсте Најденкоски во 2015. година, „Упатство за лабораториски вежби по предметот Енергетски преобразувачи” (ФЕИТ) од проф. Гога Цветковски во 2015 година и „Упатство за лабораториски вежби по предметот Електрични генератори и трансформатори” (ФЕИТ) од проф. Крсте Најденкоски во 2015. година.
Значајна активност на членовите на ИЕМТА е учеството во меѓународни и билатерални проекти. Од аспект на усовршување на наставата и научно – истражувачката работа, за истакнување се проектите: TEMPUS project Restructuring and Up – Dating Electric Power Engineering Study; Application of FEM in Design and Analysis of Electrical Machines; Measurement of Wind Energy Potential in Macedonia; FP6 Project Renewables for isolated systems – energy supply and waste water treatment; Horizon 2020 Project Near zero energy buildings; ERASMUS + Project Virtual reality laboratory for mechatronics. Практичните резултати од научните истражувања во големиот број студии, проекти и соработки се објавени на бројни домашни и меѓународни конференции, реномираните списанија IEEE Transactions on Magnetics и IEEE Transactions on Power Apparatus and Systems, COMPEL, PE (Electrical Review), Electromotion, International Journal on Studies on Computational Intelligence – Springer, International Journal of Applied Electromagnetics and Mechanics-IOS Press и други.
Институтот во 2006. година беше организатор на првиот Македонско – полски симпозиум за применета електромагнетика (Symposium on Applied Electromagnetics) во Охрид, и во 2016. година во Скопје. Одредени членови на ИЕМТА активно учествувале во организацијата на неколку меѓународни конференции како што се: EPE – PEMC’2010, ISEF’2013 и EUROCON’2017, а се активни и во меѓународната конференција за големи електрични системи СИГРЕ Париз, преку здружението СИГРЕ Македонија, чии студиски комитети дадоа и даваат особен придонес во работата и во организацијата на советувањата.
Научно – истражувачката и апликативната дејност претставуваат многу важен дел од активностите кои се одвиваат во рамките на ИЕМТА. Овие дејности често се испреплетуваат бидејќи голем дел од проектите произлегуваат од соработката со електроиндустријата и електроенергетските компании. Оваа соработка почнува уште во седумдесеттите години од минатиот век и успешно продолжува и денес. Во рамките на научно – истражувачката дејност на ИЕМТА, изработени се над 20 развојно – истражувачки проекти. Друга значајна дејност е апликативната при што за потребите на стопанските субјекти во земјата се изработени поголем број на проекти (над 100). Во изведувањето на апликативните проекти, особено значење има и лабораториската опрема со која располага Институтот и со чија помош се извршени голем број испитувања за потребите на индустријата и електростопанството.