Лабораторија за електронски мерења

Лабораторијата за електронски мерења е формирана во 1972. година со отворање на насоката електроника, под раководство на проф. д-р Драган Димитров. Во почетокот таа работи во рамките на Лабораторијата за електрични мерења. Првите лабораториски вежби во оваа лабораторија се одржани во 1973. година за првата генерација студенти по насоката електроника, под раководство на тогашниот асистент Методија Камиловски. Во 1974. година е набавен првиот контингент на електронски инструменти, со што е стабилизирана нејзината понатамошна работа. Со реорганизација на работата на Електротехничкиот факултет, во средината на осумдесеттите години и со отворање на новите лабораториски простори на Факултетот, Лабораторијата за електронски мерења поминува и продолжува да работи во рамките на Институтот за електроника, каде и денес припаѓа. Во периодот од 1986. до 1991. година набавени се неколку квалитетни мерни инструменти, како што се: анализатор на спектар, дигитален осцилоскоп и друго. Во тој период адаптирана е и една просторија како Фарадеев кафез за мерење на EMI интерференции. Од 2001. год. во просторот на Лабораторијата за електронски мерења е сместена и опрема од Темпус проектот JEP – 12103 – 97 наменета за организирање на Лабораторија за енергетска електроника, која никогаш не е формирана како посебна единица заради проблеми со ограничените просторни ресурси. Во 2017. година Лабораторијата е целосно реновирана.

Лабораторијата за електронски мерења од формирањето до денес се користи за: изведување на лабораториски вежби по предметот електронски мерења, потоа сензори, кондиционери и уреди за аквизиција, како и за изработка и одбрана на дипломски работи. Поради ограничените просторни ресурси на Факултетот, во последните неколку години просторот на Лабораторијата за електронски мерења се повеќе се употребува за одржување предавања и аудиториски вежби за студентите од програмата Компјутерско хардверско инженерство и електроника, чиј носител е Институтот за електроника.

Заради проширување на активностите во доменот на електромагнетната компатибилност, еден од наставничките кабинети во просториите на Институтот за електроника е преадаптиран во мини – лабораторија за EMC во која се вршени мерења во рамките на работата на Факултетското инспекциско тело. Оваа мини – лабораторија која припаѓа на Лабораторијата за електронски мерења исто така се користи и за одредени мерења во склоп на научно – истражувачката работа на членовите од Институтот за електроника.