Лабораторија за основи на електротехника

Лабораторијата за основи на електротехника во рамки на Институтот за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај е основана при Електротехничкиот факултет во Скопје во далечната 1968. година, и во текот на изминатиот период бележи постојан развој и проширување на дејноста. Во неа се негуваат и развиваат трите основни универзитетски дејности: наставна, научно – истражувачка и апликативна.

Во Лабораторијата се развиваат фундаменталните електротехнички дисциплини поврзани со наставата по предметите Oснови на електротехника 1 и Oснови на електротехника 2, а денес новите содржини на предметот Основи на електрични кола. Исто така во ЛОЕ се реализираат и одделни содржини од неколку дисциплини на магистерските студии поврзани со мерења на електромагнетното поле и испитување на неговото влијание врз околината. Лабораторијата е опремена со голем број инструменти кои се користат за практична настава и со кои пред студентите се демонстрираат основните закони на електротехниката. Покрај софтверските алатки кои се користат за изработка на симулационите вежби, студентите од прва година се запознаваат со основните инструменти за мерење на електрични величини струја, напон и отпорност. Лабораторијата е опремена со макети на електрични кола кои се комплетно обновени во 2017. година а истите служат за изведување на лабораториските вежби низ кои студентите ги дополнуваат своите теориски знаења.

Час во лабораторијата за основи на електротехника

Лабораторијата за основи на електротехника е целосно отворена и за воннаставни активности со максимална можност за изведување практични студентски проекти (студентски работилници, студентски истражувачки проекти, изработка на дипломски работи од кои повеќето се со практична реализација итн.).


Опрема за лабораториски вежби

Во Лабораторијата наставата и научно – истражувачката дејност формираат нераскинлива целина – наставниците се занимаваат со научни истражувања, односно истражувачите држат настава. Во поглед на научните истражувања, Лабораторијата за основи на електротехника развива истражувачка дејност во областите на анализа на електромагнетни полиња од повеќе извори и во различни средини и влијание на електромагнетното поле врз околината. Oд 2009. Лабораторијата располага со опрема набавена во рамките на меѓународниот проект од FP6 програмата Upgrading the research capacities for safety and health effects of human exposure to electromagnetic fields – SAFE EMF.

Опрема за лабораториски и теренски испитувања на електромагнетни полиња