EESTEC Academy: Robotics

Објавено: март 7, 2024

Во периодот од 29 февруари до 2 март во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ се одржа настанот „EESTEC Academy: Robotics“ организиран од студентската организација ЕЕСТЕК ЛК Скопје и Институтот за автоматика и системско инженерство на ФЕИТ. На настанот учествуваа околу 30 средношколци и студенти од техничките факултети кои имаа можност да слушнат популарни предавања за роботиката и вештачката интелиганција, и технички предавања за кинематиката кај роботските манипулатори и кај мобилните роботи.

Во рамките на настанот се одржа и работилница на која учесниците беа поделени во тимови и работеа на програмирање на мобилни роботи опремени со близински сензори за следење на патека и за навигација низ лавиринт, при што успешно ги завршија предвидените задачи.

Преку поддршката и организацијата на ваков настан, како и преку соработката со студентските организации како ЕЕСТЕК, ФЕИТ продолжува со своите активности за промоција и популаризација на теми како роботиката и инженерството помеѓу младите, на тој начин континуирано исполнувајќи ја својата улога на една од водечките општествено одговорни високообразовни институции во државата и пошироко.