ФЕИТ доби донација на опрема од SIEMENS и СисКон

Објавено: мај 3, 2022

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја опреми Лабораторијата за релејна заштита со дигитално најсовремена опрема, донација на SIEMENS Австрија и локалниот партнер и дистрибутер СисКон. За правилно и успешно користење на донацијата, австрискиот производител обезбеди и обука за професорите кои понатаму ќе работат со студентите да се запознаат со најновата технологија, а се отвораат можности и за фирми кои имаат потреба, преку ФЕИТ да добијат соодветна обука за користење на овој тип на опрема во своето работење. Деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски напомна дека успешното опремување на Лабораторијата е резултат на шестмесечен процес, во чија реализација значајна поддршка добиле и од СисКон.
„Донацијата овозможува унапредување на условите и квалитетот на студии на нашиот факултет, бидејќи идните инженери од тука ќе излезат подготвени да се вклучат во процеси во реални ситуации. Задоволни сме што успеавме со заедничката донација на SIEMENS и СисКон да креираме можност и за идните студенти да се запознаат со примената на опремата од најновата технологија од оваа област и тоа знаење понатаму да го применат на новите работни позиции“, вели деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски.

Владимир Дилевски, менаџер на компанијата СисКон објаснува дека при обуката на наставниот кадар за користење на опремата, дефинирани се и лабораториски вежби со цел да се следи програмата на факултетот.
„Донацијата на SIEMENS Австрија и СисКон, како локална компанија од Скопје, се состои од опрема за нумеричка релејна заштита. Односно, донирани се два типа на релеи од најновата генерација со пропратна опрема за комуникација, софтверски пакет неопходен за работа со опремата и направена е обука на наставен кадар од ФЕИТ од страна на SIEMENS Виена. Опремата е веќе поставена во Лабораторијата и монтирана е во индустриски ормари од производителот Rittal со пропратни елементи од производителот SIEMENS и PHOENIX CONTACT, која е донација од СисКон. Намената на опремата е да се обезбедат практични лабораториски вежби за студентите “, вели Владимир Дилевски, менаџер на СисКон.
Проф. д-р Антон Чаушевски, раководител на Лабораторијата за релејна заштита е еден од професорите кои се обучени за користење на опремата за понатамошна работа со студентите.
„Ова е дигитална заштита од најновата генерација со најсовремена технологија што овозможува идните инженери да се запознаат со софистицирана технологија, каква ги очекува понатаму и на идните работни места. Со опремата ќе овозможиме практични вежби за студентите, но ќе се отвори можност за соработка со стопанството кога на компаниите им е потребна обука за овој тип на опрема, особено со индустриски и енергетски компании кои имаат опрема на SIEMENS во своите капацитети. Особена благодарност до менаџерскиот тим на СисКон и SIEMENS, како и на колегата Сашо Мартиновски, поранешен студент на Факултетот, а сега дел од SIEMENS Виена, кој ја одржа обуката за наставниот кадар“, рече Проф. д-р Антон Чаушевски.
Лабораторијата за релејна заштита, која е формирана во осумдесеттите години од минатиот век  со цел во неа да се изведува настава, е акредитирана согласно стандардот ISO / IEC 17020 за вршење на дејност во делот на мерење на релејна заштита за сите индустриски и енергетски постројки.