Инфинеон Технолоџис Австрија, член на IPCEI Microelectronics, обезбеди електронски развојни плочки за ФЕИТ

Објавено: октомври 12, 2022

Австриската компанија за полупроводнички елементи Инфинеон Технолоџис Австрија (www.infineon.com/ipceimeaustria) обезбеди 135 развојни плочки за потребите на студентите во наставата и истражувачката работа на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ во рамките на иницијативата на ИПЦЕИ Микроелектроника (англ. IPCEI Microelectronics). Целта на поддршката е да се подобри квалитетот на наставниот процес за студентите и нивната практична работа.

Соработката меѓу компанијата и Факултетот се базира на долгорочна основа, вели проф. д-р Катерина Ралева од Институтот за електроника при ФЕИТ.

„Со Инфинеон Технолоџис Австрија соработуваме околу 10-тина години, кога наши студенти почнаа да одат на пракса во компанијата во Австрија. Нашата соработка се продлабочува благодарение на програмата “IPCEI Microelectronics”. Она што нам ни е важно е дека нашите студенти добиваат квалитетна настава и можност да се снајдат во реални компании и со реални задолженија. Со тоа се зголемува нивната конкурентност и се докажува дека и нашиот факултет создава квалитетни и конкурентни студенти кои може да се носат со светските предизвици во електрониката“, вели Ралева.

За Стојан Матески, инженер за валидација на компоненти во Инфинеон Технолоџис Австрија и амбасадор на Инфинеон Австрија за ФЕИТ, оваа позната компанија ги поддржува квалитетните студенти на ФЕИТ. „Речиси 15 наши колеги беа практиканти во Инфинеон Технолоџис, и повеќето од нив веќе денес работат во компанијата. Поради ова, Инфинеон радо ја прифаќа оваа соработка и се радува на понатамошни соработки и активности. Со оваа инвестиција ја поддржуваме наставата на идните STEM1) експерти. Сите ние кои работиме надвор од Македонија, знаеме дека е потребна ваква соработка и поради тоа сакаме да инвестираме и да вратиме на нашата заедница“, вели Матески.

Во иднина, врз база на меѓусебен договор, оваа соработка меѓу Инфинеон Технолоџис и Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се зголемува.

Инфинеон Технолоџис Австрија е дел од “Важниот проект за заеднички европски интерес во микроелектрониката” (англ. IPCEI Microelectronics). Овој проект ја поткрепува европската индустрија за микроелектроника и е насочен кон унапредување на микроелектронската технологија насекаде низ Европската Унија. “IPCEI Microelectronics” е одобрена од Европската Комисија во декември 2018 и ќе биде активна до март 2024.

Infineon Technologies AG: https://www.infineon.com/cms/en/

Infineon in IPCEI on Microelectronics: https://www.infineon.com/cms/austria/en/IPCEI-on-ME/#Overview

IPCEI on Microelectronics: https://www.ipcei-me.eu/

Contact person from Infineon Austria: Alexandra.Wachschuetz@infineon.com

1) STEM : Наука, Технологија, Инженерство и Математика (англ. Science, Technology, Engineering and Math )