Објавен е повикот за 11-то издание на СКЕЕОР

Објавено: септември 7, 2023

Здружението за истражување и промоција на енергетска ефикасност и одржлив развој СКЕЕОР – Скопје, со задоволство Ве информира дека објавен Повикот за пријавување на 11-тото издание на СКЕЕОР и Ве поканува да го одбележиме почетокот на втората деценија од успешното и активно дејствување. Во текот на изминатите години, СКЕЕОР прерасна во препознатлива студентска конференција со меѓународно учество и меѓународен научен одбор, признаена од локалната заедница и бизнис секторот, активна на полето на дејствување на младински организации и рамноправен член на меѓународни младнски мрежи.

Започнувањето на новата деценија на СКЕЕОР започнува заедно со периодот на поголеми глобални предизвици и амбиции кон остварување на целите на Зелениот договор, кои се воедно и цели кои со години наназад ги негува конференцијата – подигање на свеста за потребата од енергетска ефикасност, употреба на обновливи извори на енергија и мерки и механизми за одржлив развој. Мотивирани од оваа потреба, студентите се поттикнуваат да работат на изнаоѓање научно поткрепени решенија на проблеми од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, и да пријават студентски труд во некоја од следните научни области:

А. Обновливи извори на енергија

Б. Енергетска ефикасност, автоматизација и мерења

В. Електрични возила и енергетски ефикасен транспорт

Г. Енергетска ефикасност и одржливост на животната  средина, нови технологии и материјали

Д. Енергетска ефикасност во објекти, градежништво и  архитектура

Презентацијата на трудовите и дискусијата околу нив придонесуваат кон понатамошно развивање на идеи за искористување на потенцијалот на овие области. 

Еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка помеѓу  студентите, реномираните професори и претставниците на водечки компании од засегнатите области. Освен размена на искуства и проширување на знаења, се остваруваат и контакти корисни за идна соработка и  професионален развој. СКЕЕОР овозможува приближување на сознанијата за обновливите извори на енергија  и енергетската ефикасност до пошироката јавност, со што се зголемува нивната  имплементација, општиот интерес и свеста за значењето на оваа проблематика.

Единаесетта студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“СКЕЕОР 2023 ќе се одржи од 4.12.2023 до 6.12.2023, на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, Република Северна Македонија.

Бидете дел од успешните приказни на СКЕЕОР! Пријавете се со пополнување на Формата за аплицирање, достапна на веб страницата на СКЕЕОР.

Организационен одбор на СКЕЕОР