ИНОФЕИТ ДИХ ја одржа првата работилница во рамките на проектот “Подигнување на капацитетот на дигиталниот иновациски хаб ИНОФЕИТ”, ко-финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на С. Македонија. Целта на работилницата беше да се информира партнерската мрежа на ИНОФЕИТ за досегашните активности во проектот. Беа презентирани активностите околу градење на партнерската мрежа, меѓународните контакти и вмрежувањето, развојот на дигиталната веб-платформа за централизација на сите ентитети околу ИНОФЕИТ и олеснување на добивањето на услуга од ИНОФЕИТ, ФЕИТ или некој од нивните партнери. Посебно внимание на работилницата беше посветено на практична демонстрација на Internet-of-Things (IoT) лабораторијата на ИНОФЕИТ ДИХ која е прва оперативна IoT лабораторија/платформа кај нас. Наменета е за користење од академскиот кадар и студентите на ФЕИТ и УКИМ за развој на нови и иновативни дигитални решенија, но е отворена и за заинтересирани компании за дигитална трансформација заради трансфер на технологија. Дискутирана беше опремата која е набавена и која допрва ќе се набави заедно со можностите за развој на прототипови. Лабораторијата ќе биде централно место во поттикнувањето на економија базирана на знаење и иновации и посебно кон трансфер на технологии од академија кон индустрија на национално, регионално и меѓународно ниво.
Фокусот на истражувањата и развојот кај ИНОФЕИТ ДИХ е на апликативни ИКТ сервиси базирани на вмрежени IoT системи за идни дигитални општества што е во тесна корелација со стратегијата за паметна специјализација во државата. ИНОФЕИТ е првиот и единствен целосно оперативен ДИХ во државата.