Претставен системот за вокална интеракција човек-робот Роби

Последна измена: ноември 14, 2024

На ФЕИТ е претставен системот за вокална интеракција човек-робот – Роби. Системот го изработија студентките Јована Михајлоска, Даниела Каракулева и Маргарита Ташулова, во рамки на своите дипломски теми на програмата КХИЕ. Роби е дизајниран за интеракција со деца преку раскажување на приказни и поставување на прашања, а одговорите на децата активно влијаат на текот на приказната.
Роботскиот систем беше презентиран и на јавниот настан СинтЕЗа 2024 каде успеа навистина да го привлече вниманието кај посетителите од сите возрасти. Тие поставуваа прашања за неговите моторни способности, принципот на работа на синтезата на говор, како и за неговата можна примена за терапија кај децата со Аутизам.
Групата за говорни технологии Speech@FEIT пошироко работи на унапредување на системите за интеракција на македонски јазик. Гласот на Роби е системот за синтеза на говор на македонски Сузе развиен од групата како дел од активностите за локализација на апликацијата за асистивна комуникација Сиборд на УНИЦЕФ.