Промовирана апликацијата Сиборд која му дава глас на секое дете

Објавено: мај 25, 2022

УНИЦЕФ и партнерите од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците” и Групата за говорни технологии на ФЕИТ ја претставија дигиталната апликација за аугментирана и алтернативна комуникација Сиборд, која ја прилагодија за употреба на македонски и албански јазик, и за која креираа нов глас за синтеза на говор на македонски – женскиот глас „Сузе“. Алатката е дизајнирана да им помогне на децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот да комуницираат и да ги искажат своите потреби, чувства и мисли. На промоцијата во ИНОФЕИТ присуствуваа Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, како и претставници од „Отворете ги прозорците” и тимот на ФЕИТ.

“Комуникацијата е во сржта на секоја интеракција меѓу луѓето. Децата кои имаат тешкотии со говорот често не успеваат да бидат разбрани, а тоа може да биде пречка во нивните секојдневни интеракции, развој, образование и социјална вклученост. Со Сиборд, децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат себеси, а со тоа и шанса да покажат што можат да постигнат,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Ги охрабруваме родителите, воспитувачите и наставниците да ја користат оваа алатка за да се премостат бариерите кои оневозможуваат активно учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството.“

„Ми претставува особено задоволство што денес ја имам можноста да ја претставам оваа дигитална алатка која ќе биде од особено значење за промовирањето на инклузијата на децата со попреченост од рана возраст“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика. „Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со својата посветеност кон унапредување на системот за заштита на децата за да се овозможи сите деца, без оглед на нивните способности, средината од која доаѓаат, како и нивното образование и семејство, да добијат сеопфатна поддршка за развој на нивниот целосен потенцијал.“

“Ни беше голема чест да бидеме дел од оваа иницијатива. Голема радост е за нашите студенти и за нас што можевме да придонесеме со нашето знаење и да работиме на систем кој ќе го подобри животот на луѓето. Групата за говорни технологии на ФЕИТ има богата традиција и експертиза во технологијата на говор, особено синтезата и препознавањето на говорот. Ние, исто така, негуваме плодна соработка со „Отворете ги прозорците“ што им помогна на нашите студенти да работат на многу проекти за асистивна технологија. Токму преку оваа соработка нашите студенти го создадоа Говорко – апликација за паметни телефони за ААК – и доведе до нашето учество во локализацијата на Сиборд и создавањето на новиот глас Сузе.“, рече вон. проф. д-р Бранислав Геразов од ФЕИТ.

„Веќе 17 години работиме на тоа асистивната технологија да стане достапна за секое дете и секое лице со попреченост во нашето општество. Алатките кои денес ги претставуваме се основа на дигиталната аугментативна и алтернативна комуникација, која дополнително ќе им даде можност на стотици деца и возрасни со тешкотии во говорот да ги изразат своите комуникациски потреби“, рече Кристијан Лазарев, координатор на проектот од „Отворете ги прозорците“.

Сиборд е слободен софтвер креиран со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. Може да се преземе бесплатно од „Google Play“ и да се инсталира на Андроид мобилен уред или таблет, или директно до неа да се пристапи на страницата на Сиборд. „Отворете ги прозорците” создадоа детално упатство за употреба на Сиборд, како и за инсталирање на новиот глас „Сузе” кој може да се користи и со читачите на екран.

Сиборд може да се употреби како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи кои се синтетизираат во говор. Може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и од предучилишните установи, центрите за рана интервенција, училиштата, центрите за ресурси и службите за говорна терапија и може главно да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост почнувајќи од предучилишно образование и понатаму.

Досега, повеќе од 170 стручни лица вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на Комитетот за меѓународна класификација на функционалности и специјални едукатори се запознаа со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го Сиборд, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестираа апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор, дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.