Препораки,мерки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија и информација за досегашните активности на ФЕИТ и МФС.

Објавено: септември 21, 2022

1. Информација, општи препораки и мерки донесени од Владата

На 69-та седница на Владата на Република Македонија, на 16 август се усвои „Информација со сет препораки, мерки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Република Северна Македонија“. Целта на препораките е да се заштеди електрична енергија до 15% со рационализација на нејзината потрошувачка со што би се овозможило и заштита на животната средина. Секој 15-ти во месецот, започнувајќи од септември, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани во извештаите кои ќе ги објавува Министерството за економија. Сетот препораки, мерки и задолженија стапија во сила од 1 септември 2022 година, заклучно со 31 март 2023 година.

Согласно точка 3. Задолженија за јавните институции (министерства, агенции, органи на државна управа) и државни претпријатија, раководните лица во јавните институции и државните претпријатија мора да го спроведат штедењето со преземање на сите неопходни мерки за организирање на процесот на работа во соодветни услови со примена на задолжителните мерки и тоа:

–  Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина.
– Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
– Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.
– Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период по работно време.
– Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
– Редовно да се чистат/ менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во  работните простории.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот.
– Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија.
– Доколку има финансиски средства на располагање да се размисли да се инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во смисла промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирање во фотоволтаични системи.
– Се задолжуваат сите институции на централно ниво од редот на своите вработени да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено по завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 % споредено со истиот месец од минатата година.
– Се задолжуваат јавните институции, Министерствата, Агенциите, државните претпријатија и сите други органи на државна управа на централно ниво, кои повеќе од 90 дена се снабдуваат со електрична енергија од снабдувачот со електрична енергија во краен случај, во најкус можен рок  да извршат избор на снабдувач со електрична енергија на отворениот пазар.

3.2  Однесување на вработените во јавните институции и државните претпријатија

– Користење на скали наместо лифт, доколку е соодветно, за да се намали потрошувачката на енергија;
– Кратко и интензивно проветрување на просториите – во зима проветрување пред да се напушти канцеларијата, а во лето рано наутро кога воздухот надвор е свеж;
– Исклучување на светилките кога се напушта просторијата или може да се користи дневна светлина;
– Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно;
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.

2. Дополнување кон мерките и препораките за вработените од ФЕИТ и МФС

Кон сетот мерки донесени од Владата, потребно е да ги дополниме задолженијата со препораките и мерките за заштеда на струја во објектите на ФЕИТ и МФС.

  1. Термостатот на бојлерот за топла вода треба да се постави на оптимална температура – не поголема од 50оС. Колку е температурата на водата повисока, толку е и топлинската загуба кон околината повисока;
  2. Оптимирање на температурата на ладилниците/замрзнувачите. Треба да се избегнува позиционирање (вклучување) на ладилникот на (нај)ниски температури;
  3. Разумно користење грејни тела во просториите;
  4. Во текот на денот да се користи што е можно повеќе сонцето за осветлување како и за загревање на просторот во грејната сезона;
  5. Во текот на денот во летна сезона да се спуштаат ролетните и завесите;
  6. Да не се блокираат и покриваат грејните тела со мебел или завеси. Ако грејното тело е покриено, тогаш тоа емитира помало количество топлина и е неефикасно;
  7. Да се исклучуваат светилките во просториите во период кога подолго време не се престојува во нив;
  8. Да се исклучува компјутерот по завршувањето на работата со него;
  9. Да се исклучуваат полначите за батерии од приклучниците (лап-топ, мобилни телефони);
  10. Замена на старите сијалици (со вжарено влакно) со компактни флуоресцентни сијалици или други соодветни со ознака за повисока класа на енергетска ефикасност ((CFL, LED) сијалици);
  11. Редовно чистење на филтрите на клима уредите;
  12. При планирање на јавни набавки за бела техника, клими и сл, да се преферираат производи со висока класа на енергетска ефикасност (A+++, A++, А+, А). Уредите со повисока класа на енергетска ефикасност трошат многу помалку енергија, а со тоа и пари во однос на уредите со пониска класа на енергетска ефикасност;
  13. Исклучување на декоративното осветлување во просториите или на фасадите од објекти;
  14. Да не се користи осветлување на внатрешните простории кога има доволно дневна светлина, да се постават светилки на сензор онаму каде е потребно;
  15. Во сезона на ладење да се постави температурата на климатизерите не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени;
  16. Да се користат скали наместо лифт доколку е соодветно за да се намали потрошувачката на енергија;
  17. Да се користи клима уред кога навистина е потребен и температурата да се прилагоди на разумно ниво.
  18. Кратко и интензивно проветрување на работните простори.
  19. При планирање на јавните набавки за тековно одржување на објектите, доколку има на располагање финансиски средства, треба да се подобри енергетската ефикасност преку промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирајте во фотоволтаични системи, за потребите од санитарна топла вода, да се инсталираат сончеви колектори за подготовка на санитарна топла вода.
  20. Да се избегнува полнење на батериите на електричните тротинети во работните простории, а доколку тоа се прави да биде во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја).
  21. Заради намалување на потрошувачката на електрична енергија за надворешното осветлување во дворот на ФЕИТ и МФС, потребно е да се изврши намалување на осветлувањето до минимален сигурносен обем на осветлување.

3. Информаци поврзани со активностите на ФЕИТ и МФС поврзани со енергетската ефикасност и рационалното искористување на енергијата

Вработените на ФЕИТ и МФС, независно од тековната енергетска состојба и препораките и мерките на Владата, како општествено одговорни институции перманентно, а особено интензивно во последните години, работат на подобрување на енергетската ефикасност, рационалното искористување на енергијата, воведувањето обновливи извори на енергија и намалувањето на потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Притоа, континуирано се преземаат мерки и активности со кои се подобруваат енергетските прилики, се подобруваат работните услови за вработените и студентите а се придонесува кон подобро и одржливо општество за сите.

Да се потсетиме на дел од овие мерки:

  • Во 2016 година направена е целосна реконструкција на надворешната фасада на главната зграда во енергетски ефикасна фасада, со вградување изолациска обвивка и замена на алуминиумските со енергетски ефикасни ПВЦ прозорци;
  • Во 2018 година направена е реконструкција на фасадата во енергетски ефикасна фасада на западното пацио во главната зграда
  • Во 2020 реконструирана е фасадата на долниот кат во анексот (северен и западен дел)
  • Во 2021 година направена е реконструкција на фасадата во енергетски ефикасна фасада на источното пацио и источниот и јужниот дел на анексот;
  • Инсталирани се фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќност од 30 kW
  • Заменета е речиси целокупната надворешна топловодна инсталација и континуирано се одржува внатрешната инсталација, што претставува голем предизвик имајќи предвид дека се работи за објекти кои се направени пред околу 60 години;
  • Континуирано се заменуваат флуоресцентните, халогените и светилките со вжарено влакно со штедливи LED светилки;
  • Инсталиран е систем за следење на потрошувачката не електричната енергија во реално време.

Како резултат на овие активности обезбедени се квалитетни услови за работа на вработените и студентите и направена е огромна заштеда на електричната и топлинската енергија:

  • вкупната потрошувачка не електрична енергија на двата факултета (главна зграда, анекс и нова зграда МФС) до 2015 година изнесуваше околу 600.000 kWh на годишно ниво, додека во периодот до 2021 година истата е намалена на 500.000 kWh во 2019, 370.000 kWh во 2020 и 340.000 kWh во 2021 (во 2020 и 2021 година факултетите работеа во пандемиски услови). Имајќи ја предвид базната моќност од 30 kW, a која произлегува главно од работа на серверите во компјутерските центри на ФЕИТ и МФС, а која значи вкупна потрошувачка од околу 250.000 kWh на годишно ниво, може да се заклучи дека Факултетите водат извонредна грижа за намалување на потрошувачката на електрична енергија;
  • сметките за топлинска енергија во последните три грејни сезони се намалени за половина споредено со сметките во сезоната 2014/15.
  • се реализира просечно годишно производство од 45000 kWh електрична енергија од инсталираните фотоволтаични централи, a истите имаат свој придонес кон намалување на врвната моќност.

Тековната енергетска криза изразена со голем недостаток на енергија и вртоглав раст на цените на светските берзи, дополнително ја отежнуваат и онака сложената енергетска состојба во нашата земја. Затоа сите заедно мора да преземеме мерки и дејствија со цел да делуваме во насока на намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, со што ќе дадеме свој придонес кон намалување на трошоците, но истовремено и заштита на животната средина.

Апелираме до сите вработени и студенти на ФЕИТ и МФС и понатаму да се однесуваат одговорно и рационално да ја користат енергијата. Апелираме ваквото однесување да се пренесе и во домашни услови.

Рационалното користење на енергијата е главен услов за одржлив развој на едно општество и треба континуирано да се применува не само во услови на прогласена енергетска криза.