Институт за електрични мерења и електротехнички материјали

Во периодот 2009 – 2019 г. Институтот за електрични мерења и материјали (ИЕМЕМ) продолжува со својата дејност во високото образование и научно – апликативната работа на главните области од интерес: мерења во електротехника, електротехнички материјали, метрологија, мерна инструментација и менаџмент на квалитет.

Во моментов кадарот на Институтот го сочинуваат: вонр.проф. д-р Маре Србиновска, раководител на Институтот, проф. д-р Владимир Димчев, проф. д-р Марија Чундева – Блајер, проф. д-р Живко Коколански и м-р Кирил Демерџиев, асистент.

Институтот за електрични мерења и материјали својата дејност ја почнал во 1959. година како Катедра за електрични мерења на електромашинскиот оддел при тогашниот Технички факултет во Скопје. Како прв професор и основоположник на наставно – научната и истражувачко – апликативна дејност на Институтот е проф. Витомир Јовевски (in memoriam). Во изминатите години во ИЕМЕМ работеле и дале многу значаен придонес во наставно – научната и апликативна дејност: проф. д-р Благој Ханџиски, проф. д-р Цветан Гавровски, проф. д-р Љупчо Арсов и инж. Љубисав Глишиќ, виш технички соработник.

м-р К. Демерџиев; вонр. проф. д-р Ж. Коколанскипроф. д-р М. Чундева – Блајер; вонр. проф. д-р М. Србиновскапроф. д-р В. Димчев; В. Шокароски (од лево кон десно)

Во рамките на наставната дејност наставниците и соработниците од ИЕМЕМ покриваат настава од првиот циклус студии, на поголем број предмети од подрачјето на електричните мерења, неколку задолжителни предмети во првите две години и специјализирани – изборни предмети во погорните години на студии.

На вториот циклус студии ИЕМЕМ е носител на студиската програма Метрологија и менаџмент на квалитет, а наставниот кадар ги покрива предметите во областите на законската и индустриската метрологија, мерна неодреденост, компјутеризирани мерни системи, сетила и преобразувачи, контрола на квалитет и други предмети поврзани со метрологијата.

Во периодот од 2010. до 2013. година на ИЕМЕМ се спроведе Европскиот проект 158599-TEMPUS-MK-TEMPUS-JPCR „Креирање трет циклус на студии – докторски студии по метрологија“, во рамки на кој со помош на академски кадар од 11 реномирани европски универзитети беше креирана интердисциплинарната студиска програма на третиот циклус студии – докторски студии. Студиската програма Метрологија за прв пат беше акредитирана во 2013. година, а реакредитирана во 2016. година. Институтот ЕМЕМ со својот наставно – научен кадар е носител на оваа студиска програма во која се опфатени најзначајните научни предизвици на современата метрологија. Со тоа е заокружен циклусот на студирање во трите степена во полето на метрологијата.

Издавачката дејност на ИЕМЕМ во изминатиов период остварува континуитет во издавање на: учебни помагала, скрипти, збирки задачи за аудиториски вежби, напатствија за лабораториски вежби, интерни електронски материјали и друго.

Во изминатиов десетгодишен период, членовите на ИЕМЕМ продолжуваат со интензивна научно – истражувачка дејност, при што тие се јавуваат како носители или учесници на повеќе домашни и меѓународни научно – истражувачки проекти. Најважните проекти финансирани од домашни и меѓународни институции се: „Key Comparison of Power COOMET.EM.- K5”, COOMET project No. 695/UA/16, клучна меѓу – лабораториска споредба со учество на 13 национални метролошки институти, 2016 – 2018; „Enhancement of the Laboratories’ Capacities of the Faculty of Electrical Engineering and IT for Scientific and Research Activities, Accreditation and Promotion for Industrial Cooperation“, проект финансиран од УКИМ – Скопје, 2014 – 2015; „Creation of the Third Cycle Studies – Doctoral Studies in Metrology”, EU TEMPUS IV Joint Multi – country Project, 2010 – 2013; „Establishing of a Wind Data Base in the Republic of Macedonia“ проект финансиран од Светска банка во рамки на Sustainable Energy Project – GEF Trust Fund, 2012 – 2016, „Wavelet Based Methods for Power Quality Disturbances Analysis“, билатерален научно – истражувачки проект со ТУ Грац,  Австрија, 16 – 2086/1,2011 – 2013.

Научно – истражувачката работа на членовите на Институтот во периодот 2009 – 2018. година резултираше со голем број трудови објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание или без фактор на влијание, домашни списанија, како и трудови објавени на значајни домашни и меѓународни конференции.

Соработката на Институтот за електрични мерења и материјали со стопанството и  апликативната дејност се развива од почеток на работа на Институтот, а која во последните десет години особено се интензивираше преку акредитацијата на Инспекциското тело за електротехнички уреди, инсталации и опремa во рамките на ФЕИТ во 2013. година, сообразно стандардот ISO/IEC EN 17020. Со акредитацијата на калибрациската лабораторија – Лабораторијата за електрични мерења во 2015. година, според стандардот ISO / IEC EN 17025 на Институтот е додадена нова вредност во подрачјето на законската метрологија.

Апликативната дејност на ИЕМЕМ опфаќа инспекциски активности, работа на проекти и студии, као и специфични мерења за потребите на индустријата. Во рамките на инспекциското тело на ФЕИТ, Институтот е одговорен за испитувањата на електрични инсталации за низок напон, громобрански инсталации и заземјување, контрола на заземјување на електроенергетски постројки со номинален напон над 1000 V, прва, периодична и вонредна контрола на функционалните и техничките карактеристики на фискални системи, мерења на квалитетот на електричната енергија и други испитувања.  

Во акредитираната лабораторијата за електрични мерења се спроведуваат калибрации на мерила за електрични величини, електрична енергија и моќност.

Апликативната дејност на ИЕМЕМ опфаќа интензивна соработка со најзначајните компании од: електроенергетскиот сектор, индустријата и рударството, како и меѓународните корпорации во индустриските зони (Гентерм, Костал, АРЦ Аутомотив, Аптив Сервисес Македонија) и компании од регионот (KEDS – Косово, HTT и 3G – Албанија).

Инаку, членовите на ИЕМЕМ имаат значајна соработка и со државните институции на Р. Македонија кои ја поддржуваат националната инфраструктура за квалитет, како што е Бирото за метрологија на Р. Македонија, Институтот за акредитација на Р. Македонија, Институтот за стандардизација на Р. Македонија, но и со останатите тела за оцена на сообразност (лаборатории за тестирање, инспекциски тела, сертификациски тела).

Во рамките на ИЕМЕМ од 9. 4. 2014 година функционира сертифицираната LabView академија во рамки на која се спроведуваат сертифицирани обуки и тестирања во соработка со National Instruments. Во рамките на оваа академија голем број студенти на ФЕИТ се стекнале со официјален LabView сертификат.